СДСМ: Заеднички ќе го совладаме коронавирусот, најважно е да ги почитуваме мерките и да се заштитиме

by Fokus
Рестриктивните мерки се неопходни за да се обезбеди брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот. Само на тој начин и со почитување на мерките ќе го заштитиме здравјето на граѓаните и ќе се справиме со здравствените предизвици. Вирусот Ковид 19 е реална појава и затоа никој не смее да ја игнорира оваа закана, бидејќи на тој начин ја загрозува личната и колективната здравствена состојба, се вели во соопштението на СДСМ.
-Вирусот е присутен и опасен и само со почитувањето на мерките ќе успееме. Покажавме дека имаме добра стратегија, ефикасните мерки дадоа резултати, но само заедно со граѓаните и со доследно и постојано почитување на мерките за заштита можеме да успееме. Општина Дебар е одличен пример за тоа како добра стратегија со почитување на мерките за заштита дава загарантиран успех. Имавме одлични резултати, здравствениот систем е подготвен, неопходно ни е единство и дисциплина за да успееме, велат од партијата.
Затоа, според нив секој мора да ги почитува сите мерки, во целост. Тие се основна алатка за намалување на ширењето на заразата. Онаму каде има добри резултати, тоа е така затоа што се почитуваат мерките и препораките на здравствените власти.
-Секој мора да носи маска, да се дезинфицира редовно, да држи дистанца од 2 метри и да нема групирање. А овој викенд, сите да останеме дома, со своите семејства. Издржавме и потешки моменти, заедно ќе го поминеме и овој. Упатуваме голема поддршка до сите здравствени работници кои се столбот во овие клучни моменти, но и до сите граѓани кои ги почитуваат мерките и се грижат за личното и јавното здравје. Само ако сме обединети ќе го надминеме овој предизвик.

 

Поврзани новости