СДСМ: Во првите шест месеци ќе спроведеме проект „секој ден спорт во училиштата“

by fokus

Ќе создаваме здрав живот за децата со тоа што ќе им овозможиме секој ден да спортуваат одреден спорт по своја желба. Ова ќе придонесе за поздрав начин на живот на учениците како и подигнување на свеста за придобивките од спортувањето, вели СДСМ.

„Во првите шест месеци од новата влада ќе започнеме со проект „Секој ден спорт”, со кој ќе се воведе можност секој ден да имаат спортска активност учениците во основните и средните училишта.

Ќе го вратиме спортот во училиштата со креирање спортски систем со кој ќе се започне со натпревари и активности, од класните и меѓукласни натпревари во училиштата, завршувајќи со национален систем на натпревари, со учество на училишни победници и репрезентации од секоја општина во сите степени на образованието. Со поставување вистински модел на училишен спорт, ќе го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 ученици во основното и во средното образование“, се вели во соопштението на СДСМ.

На овој начин, како што велат во партијата, родителите ќе бидат ослободени од трошоците кои мораа да ги плаќаат за дополнителни спортски активности на своите деца. Учениците нема да го трошат своето слободно време по часовите, бидејќи секојдневно ќе спортуваат во своите училишта.

Секое дете има право да го спортува спортот што го сака, а државата е должна да го овозможи тоа право подеднакво на сите деца!Затоа е потребна нова и одговорна Влада според мнозинската волја на граѓаните која ќе води реални политики во служба и интерес на граѓаните“, се додава во соопштението на СДСМ.

Поврзани новости