СДСМ: Во Охрид децата од градинка пееја за Унија на жени на ДПМНЕ

by Фокус

-Кулминација на злоупотребата на службената положба претставува денешната постапка на директорката на Детската градинка „Јасна Ристеска” во Охрид, која на крајно непрофесионален начин ги злоупотреби децата од градинката. Денеска директорката организираше детска приредба со песни и игри, но во чест на претседателката и неколку членови на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид, стои во реакцијата на Општинската организација на СДСМ од Охрид.

Тие велат дека станало секојдневна практика директорите и другите раководни лица во Општина Охрид, назначени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, да ја злоупотребуваат својата службена положба во партиски цели.

-СДСМ најостро го осудува ваквото недозволиво, самоволно и непрофесионално однесување на директорката назначена од ВМРО-ДПМНЕ, пишува во реакцијата.

Од опозициската партија побараа директорката на градинката веднаш да понесе одговорност и да поднесе неотповиклива оставка, а градоначалникот на Охрид да преземе мерки за овој, како што тие го нарекоа, неодговорен и недостоен чин на злоупотреба на децата.

Поврзани новости