СДСМ: Во куќата на Јанкиески вдомени и два проекти!

by Фокус

Во куќата на министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во Прилеп, покрај германската фирма „Лудвиг Фајфер“, се сместени и два проекта на Владата, едниот изведувач, другиот надзор, истакна Петре Шилегов на денешната прес конференција. Затоа портпаролот на СДСМ го праша министерот кој договор за закуп најавил дека ќе го раскине?

– Дали Јанакиески го раскинува договорот за кирија со германската фирма „Лудвиг Фајфер“, сместена на неговата адреса, Браќа Ламески 32 во Прилеп? Дали Јанакиески го раскинува договорот со проектот од Влада – Рехабилитација и продолжување на канализациската мрежа во Прилеп, сместено на истата адреса? Или можеби Јанакиески го раскинува договорот со проектот од Влада, со назив Надзор на изведувачки работи за инвестицискиот проект Пречистителна станица?, праша Шилегов, во рацете држајќи официјални документи од УЈП за поткрепа на кажаното.

Тој додаде и дека Проектот за надзор е избран на посебен тендер спроведен од Министерството за финансии од Проектот за реконструкција на канализациската мрежа, за што исто така приложи документ од Европската комисија.

– Дали тоа значи дека сите овие фирми, проекти, владини соработници, од сите можни локации низ Македонија, случајно се нашле по улиците на Прилеп, случајно налетале на огласите на А4 формат што ги залепил Миле, случајно станале соседи во истата куќа? А при тоа, случајно, сите овие фирми работат во истиот проект финансиран од европски пари, но и од пари на граѓаните на Република Македонија?! Дали за да соработуваат подобро, и изведувачите и надзорот се сместени на исто седиште – во куќата на министерот Јанакиески, праша Шилегов.

Тој додаде дека министерот Зоран Ставрески бил во право кога велел дека времето истекува.

-Времето истекува, ама истекува за власта на Никола Груевски. Потоа се ќе биде појасно. А и правдата ќе си го најде своето место, заклучи Шилегов.

 

 

Поврзани новости