СДСМ: ВМРО бадијала се пребојува, Мицкоски е поттрчко

by fokus

Бадијала ВМРО-ДПМНЕ се пребојува со сите можни бои, во суштина тоа е партија заробена во режимот и која работи на штета на интересите на граѓаните и државата – вака СДСМ реагира на денешното ребрендирање  на ВМРО-ДПМНЕ, кое претстави нова политичка стратегија под називот „Македонија за сите луѓе“.

-Мицкоски може да ископира уште слогани од СДСМ, да се расфрла со флоскули, но во реалност тој е единствениот кој е на браникот на криминалот, обичен поттрчко на бегалецот во Будимпешта. Наводната нова стратегија на ВМРО-ДПМНЕ е само фасада, и тоа од оние барокни со гипс картон, а во внатрешноста таа е шуплива и веќе видена. Не може Мицкоски да донесе никакви реформи ниту во сопствената партија, а не пак во државата“, стои во партиската реакција.

Од партијата на Зоран Заев велат дека Христијан Мицкоски покажува нервоза по денешната анкета на ИРИ, според која социјалдемократите имаат 3 процентни поени предност пред вмровците.

„Мицкоски ги гледа денешните анкети и се поти, знае дека не е до боите и слоганите, кога нема никакви политики кои се во интерес на граѓаните и државата. Затоа Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се постојано поразувани од граѓаните и ќе бидат поразени и одново, затоа што освен за лаги, за деструкции и блокади, не знаат за ништо друго“, истакнуваат од СДСМ.

Поврзани новости