СДСМ: Скопје 2014 е бунар без дно

by Фокус 16:15
16:15

СДСМ на прес конференција престави неколку примери преку кои спореди како проектот Скопје 2014-та непотребно ги троши народните пари. Нарекувајќи го бунар без дно, СДСМ објави колку пари се потрошиле во некои држави за објекти слични на тие од скандалозниот проект.

„За зградата на Македонска филхармонија  до сега се потрошени 41.000.000 евра, а се уште не изградена. Споредбите со изградени концертни сали во регионот, дури и во светот шокираат. Концертната сала во Фрибург, Германија по којашто е граден објектот на Македонска филхармонија е двојно поголема а чини помалку! Концертната сала  во Солун, изградена на двојно поголема површина чини дури помалку од недоизградениот објект на Македонска филхармонија во Скопје.“- рече портпаролот Шилегов.

Понатаму направија споредба на плоштадот Карпошово востание со паркот Пионир Плаза во Далас. Плоштадот во Скопје до сега однел преку 12 милиони евра, а годинава ќе потроши уште милион, иако првично биле предвидени само пет. Паркот во Тексас од 17 илјади метри квадратни со 73 споменици чини помалку за пет милиони евра.

- Advertising -

„Реконструкцијата на објектот на Стариот театар беше најавена дека ќе чини 6.000.000 евра. Но реконструкцијата заврши за околу 40.000.000 евра! Повеќе од 34.000.000 евра од предвиденото! Музејот на ВМРО според основниот договор требаше да чини 4.500.000 евра, но чини 20.596.000 евра! Мостот ОКО првично требаше да чини 1.500.000 евра. Потрошени се 1.500.000 евра повеќе. За споредба, не во светот, не во регионот, во истиов град, Скопје, двата моста, на Вардар кај Хром и мостот Близнак, низ кој се вози, чинат според објавеното двојно помалку од пешачкиот мост ОКО“- објасни Шилегов.

СДСМ најави дека денешната прес конференција е почеток на тоа што допрва ќе следува- документирани факти за парите за проектот Скопје 2-14-та, кој власта го преставува како патриотски.

 

Поврзани новости