СДСМ против СДСМ во Куманово

by fokus 15:22
15:22

Најмалку тројца партиски функционери на СДСМ од Куманово очекуваат да добијат поддршка од матичната партија за претстојните локални избори во градот каде со години СДСМ е единствената партија која победува на овие избори.

Поддршка од партијата, освен актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски кој за време на својот на мандат неколку пати се спротивстави на одредени политики и одлуки на СДСМ и Владата, очекуваат и пратеникот од Куманово и претседател на Општинската организација на СДСМ во Куманово, Мартин Костовски и директорот на ЈП Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, подружница Куманово, Оливер Илиевски, кој е и секретар на општинската организација на СДСМ.

- Advertisements -
Banner NISSAN_Okt_300x250

Костовски во телефонски разговор за Фокус потврди дека има амбиции да биде градоначалник на Куманово, односно дека ќе поднесе кандидатура и ќе учествува во партиската процедура за избор на кандидат за градоначалник на Куманово од редовите на СДСМ. Сепак ја објаснува процедурата и вели дека во август би требало да се знае кој кандидат ќе го поддржи партијата.

-Доколку граѓаните на Куманово мислат дека Мартин Костовски е најдобро решение за новиот татко на градот , јас со гордост и голема обврска ќе го прифатам предизвикот да бидам новиот градоначалник на Куманово, објави Костовски на својот Фејсбук профил.

Костовски во Куманово важи за близок човек на поранешниот градоначалник на Куманово Зоран Дамјановски-Циц, но и сега напредува во партиските структури. Според неговата биографија, од 2008 година работел како асистент за односи со јавност во Општина Куманово, потоа до 2011 како помлад соработник за поддршка на меѓународна промоција на општината, а до 2014 година работел и како раководител на одделението за меѓународна соработка на општината и на одделението за инспекциски надзор во урбанистичко-градежна и комунална дејност, животна средина и угостителско-туристичка дејност.  Всушност Костовски работел во општината додека ја водеше Циц, а потоа беше и директор на Службен весник.

Амбиции за градоначалничкото место има и Илиевски кој за Фокус потврди дека планира да поднесе кандидатура со програма до матичната партија СДСМ. Илиевски наводно ја имал поддршката од актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски кој е од Куманово и чија нетрпеливост со Димитриевски провејува низ медиумите од почетокот на неговиот мандат. Сепак тој не ги коментира ваквите шпекулации.

-Јас прво сакам и ја обезбедив поддршката од членството и граѓаните, вели Илиевски.

Димитриевски пак кон крајот на март во изјава за Фокус рече дека е убеден дека ќе ја добие партиската поддршка на следните локални избори и сега вели дека останува на овој став.

-Јас на претходните избори излегов со програма со проекти со рокови за реализација во 2,4 и 8 години. Член сум на СДСМ од 1995 година и очекувам поддршка од матичната партија – изјави во март за Фокус, Димитриевски.

Димитриевски очекува поддршка од СДСМ за уште еден мандат: Не сум се видел со Црвенковски

Тој не ги коментира шпекулациите дека партијата ќе избере друг кандидат за градоначалник. -Не коментирам шпекулации, обратете се кај партискиот портпарол, ни изјави Димитриевски, но не коментира ниту дали ако неговата партија одлучи да не го кандидира токму него за градоначалник, тој ќе настапи како независен кандидат.

Димитриевски објаснува дека според процедурата, канидатите за градоначалници ќе ги предлагаат членовите на партијата по месните организации. Подоцна листите ги филтрираат извршните одбори на општинските раководства и ги доставуваат до Извршниот одбор на Централниот одбор. -Паралелно со тоа, секој кандидат може да поднесе самокандидатура со програма и да ја достави до Извршниот одбор на Централниот одбор. Извршниот одбор на ЦО утврдува кандидат за општинска конференција која го потврдува кандидатот. Има повеќе критериуми кој може да биде кандидат, но најбитен критериум покрај останатите е и колку одреден кандидат ужива поддршка и доверба кај граѓаните која се утврдува со сондажи на јавното мислење и анкетирање, објаснува Димитиревски за Фокус.

Од СДСМ официјално велат дека се уште е рано да се зборува за конкретни личности кои би можеле да бидат кандидати за градоначалници на партијата.

– На седницата на Централниот одбор беше донесена одлука за почеток на внатрепартиската постапка за номинација и конечен избор на кандидати за градоначалници и советници. Станува збор за отворена, демократска и транспарентна постапка. Согласно мерит системот и преку истражувања на јавното мислење ќе се изберат најдобрите кандидати, велат од партијата за Фокус.

Пред извесно време Димитриевски на Фејсбук профилот реагираше дека партиски функционери им даваат нереални ветувања на граѓаните. -Самопрогласени кандидати и поединци на неколку месеци пред локалните избори ја почнаа кампањата со промоција на нереални проекти и ветувања за граѓаните на Општина Куманово. Како дел од ветувањата кои последните неколку месеци се споделуваат на социјалните мрежи од страна на партиски функционери се идејни решенија за реконструкција на Градскиот стадион, отворениот базен во Куманово, хотел Ку-Ба, комплексот „Вруќа вода”, хотел „Кристал“, меѓу кои има проекти кои не се во надлежност на општината, реагираше Димитриевски најверојатно на објавите на Костовски и Илиевски.

По конгресот на СДСМ, протекоа снимки од партијата во која се слуша како кумановски делгат реагира затоа што Димитриевски не е меѓу кандидатите и членовите на новиот Централен одбор (ЦО) на СДСМ. Тој предупредува дека во октомври следуваат локални избори на кои ќе се трасира патот и за следните парламентарни, па бара да се решат проблемите и ескалацијата во неговата општинска организација.

Во последно време се случуваат нелогични работи за кои треба да се дискутира токму на ова место, односно на конгресот затоа што проблемите не се ставаат под тепих туку сега сме тука сите заедно да најдеме начин да се договориме и да ги решиме проблемите. Дали градоначалникот што имаше некои свои ставови и кажување на свои мислења, дали е тоа причината поради која не е ставен на листата за членови на ЦО? Нема никаква логика, се прават некои нелогични работи во последно време. Не е време за суети, за хајки, треба сите заедно да се обединиме да го решиме проблемот, што е, како е, во кого е проблемот. Во централата во Скопје ли, во општинската организација ли?, се слушаше во дел од снимките кои протекоа од Конгресот.

Во анкетата што ја направи Македонскиот центар за меѓународна соработка, МЦМС, Димитриевски заедно со градоначалниците Митко Јанчев и Арбен Таравари беше меѓу најпопуларните градоначалници.

Локалните избори треба да се одржат во октомври, а летово ќе се знае кој кандидат ќе го поддржи СДСМ за Куманово и дали партијата ќе го елиминира Димитриевски.

Фросина Факова-Серафиновиќ

Поврзани новости