СДСМ: Продолжува финансиската помош кон граѓаните и компаниите

by fokus
Во насока на полесно и ефикасно справување со корона кризата Владата на Северна Македонија досега донесе пакет економски мерки за помош на компаниите, работодавачите, граѓаните, се вели во денешното соопштение на СДСМ.
-Пакетот на економски мерки им овозможува на работниците, занаетчиите, на малите и средните претпријатија и сите погодени од кризата предизвикана од корона вирусот да го пребродат најтешкиот период, периодот на загуби.
Паричен надоместок од 14.500 денари по вработен за месеците април, мај и јуни во фирмите погодени од кризата, помош за спортисти и за уметници од 14.500 денари и паричен надоместок за граѓаните што останале без работа поради кризата се дел од досегашните мерки со кои државата директно им помага на погодените компании и граѓани.
Како дел од мерките за кои имаа можниост да аплицираат компаниите погодени од кризата се и бескаматните кредити од Развојната банка во вредност од 5.7 милиони евра со рок на враќање 24 месеци и грејс период од 6 месеци. При тоа најниската сума за аплицирање беше 3000 евра, а највисоката 30.000 евра во зависност од бројот на вработени. Досега од оваа кредитна линија се одобрени барањата на 254 компании во износ од 2,2 милиони евра и во кои работат 2.853 вработени.
Како нов пакет помош овојпат за сите компании на кои им е потребна е втората линија на бескаматни кредити наречен Ковид 2 со вкупна вредност од 8 милиони евра, а компаниите ќе можат да аплицираат веќе од среда 29 април.
Максималниот износ на кредитот во оваа линија изнесува 90 илјади евра и е за три пати повисок во однос на првата кредитна линија, додека минималниот износ на кредитот останува, односно е 3 илјади евра . Рокот на отплата е до 3 години со една година грејс период.
Тоа значи вкупно 13.7 милиони евра достапни за компаниите на кои им е потребна помош во пребродувањето на тешкиот период.
Покрај овие, останати мерки кои ги донесе Владата за поддршка на компаниите се е определени даночни олеснувања односно ослободување од аконтации на данок на добивка и данок на личен доход.
Сите напори продолжуваат да бидат насочени кон спасување на секое работно место и опстанување на секоја компанија. Затоа што секој е важен, пишува во партиското соопштение.

 

Поврзани новости