СДСМ: Политичките процеси повеќе не зависат од криминалната структура на Груевски

by fokus

„Македонија мора да оди напред. Волјата на граѓаните и нивната мнозинска определба за промени мора да се почитува! Само тоа е излез од политичката криза во државата што ја наметна досегашната несовесна власт. Вака СДСМ му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој во вчерашното интервју за ТВ Нова, истакна дека на Македонија и се потребни нови избори.

-Над 612.000 граѓани јасно избраа живот и правда, избраа да живеат во едно општество за сите, го поддржаа концептот на заедништво, наспроти концептот на поделби, концептот на интеграција наспроти концептот на изолација и тоа се перспективите. Во тек се демократски процеси коишто се незапирливи и кои отвораат иднина. Назадувањето на Македонија заврши. Политичките процеси во Македонија повеќе не зависат од Никола Груевски и од криминалните структури што 10 години ја влечат Македонија кон дното, додека земјите од регионот одат напред, велат од СДСМ.

Од таму оценуваат дека вчерашното интервју на Груевски е потврда дека неговото време е завршено.

-Тој нема идеја, нема визија, не може да одговори на потребите на граѓаните и на државата. А во политиката во Македонија повеќе нема место за политичари кои го крадат, го лажат својот народ, нанесуваат зло и неправди на граѓаните, ги злоупотребуваат културните и етничките разлики, ги караат мегусебно и ги одалечуваат од светот за лични профити. На Македонија и е неопходна нова стабилна реформска Влада. Република Македонија е подготвена за нов начин на водење на државата, темелно, посветено, чесно, одговорно, демократски, велат од партијата.

Од СДСМ додаваат и дека тие работат на поставување на приоритетите за граѓаните и за државата согласно Уставот, со цел да обезбедат стабилна иднина за државата и квалитетен живот за сите, истакнуваат од СДСМ.

Поврзани новости