СДСМ: Од слобода гледаме на „црниот понеделник“

by fokus

Денешниот датум, 24 декември, останува врежан како еден од црните денови за демократијата во Македонија и сведочи за бруталноста на сега веќе поразениот режим на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, велат од СДСМ по повод петгодишнина од „црниот понеделник“ кога новинари и пратеници беа брутално исфрлени од Собранието.

„Од слобода гледаме на црниот понеделник, Македонија расчисти со режимот на Груевски кој не смее да се повтори. Никола Груевски и фамилијата пред очите на целокупната јавност, преку злоупотреба на полицијата во законодавниот дом ја погазија демократијата брутално исфрлувајќи и тепајќи новинари и пратеници. Таквите долгогодишни политики на сеење страв и омраза од страна на режимот на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ кулминираа со упад и насилство во Собранието на 27 април годинава“, велат од СДСМ.

Принципот на едно општество, меѓусебното почитување и соработка, додаваат од партијата, се гаранција дека таквите денови се дел од темното минато и не смеат веќе никогаш да се повторат.

„Граѓаните ги препознаа деструктивните политики на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и затоа го казнија нивното насилничко однесување, избраа промени, заедништво, нови одговорни власти кои работат во интерес на Македонија и нејзините граѓани. Преку политиките на заедништво, соработка, добрососедство и инклузивност повторно се градат врвните демократски вредности“, порачуваат од таму.

 

Поврзани новости