СДСМ: Од каде ВМРО ДПМНЕ има 15 милиони евра за новото седиште?

by Фокус

Оваа зграда, тврдина, како што ја нарече Груевски вчера, е споменик над спомениците на криминалите и криминалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ. Додека Македонија тоне во сиромаштија, додека 180.000 луѓе живеат со по 40 денари на ден, за оваа грамада од камен, замислениот султан Груевски, според достапните пресметки, употребил меѓу 15 и 30 милиони евра! Нели слушнавме со каква притресеност Груевски ги буткал измените на деталните урбанистички планови?! Е па како што со нив крател од зеленилото на скопјани за своите милионски парцели на Водно, така и овде приграбил јавни површини за оваа зграда – рече Петре Шилегов во денешната изјава.

Тој направи своевидна пресметка.

-Корисната површина за зградата денес достигнува до 12.240 м2, над десетици пати повеќе од базичната, на сметка на јавното зеленило и пешачкиот простор. Зголемена е во “од“ и висината на планираниот објектот, од 25 на 29 метри. Ако се тргне од тоа дека во општина Центар просечната цена на квадратот е над 1.200 евра, тоа значи дека за новиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ се дадени околу 15 милиони евра! Ако одиме по логиката на чинење на новоизградените згради од Скопје 2014 коишто чинат и по 3.000 евра за м2, тогаш зградата чини и над 35 милиони евра! Од каде? Финансискиот извештај на ВМРО-ДПМНЕ, за изборите во 2011-та година, покажа финансиска дупка на партијата од 3.500.000 евра, којашто Груевски никогаш не објасни како ја пополни.

Еве овој документ што го доставила ВМРО-ДПМНЕ до државниот ревизор, за донации во 2013 година, покажува дека партијата имала донации од 200.000 евра. Но тоа е далеку до 15 милиони евра и уште подалеку до 35 милиони евра, нели? Тоа значи дека се во игра кешови и црни пари со коишто ВМРО-ДПМНЕ рекетира, уценува, за коишто исто така и зборувавме и слушнавме во некои од снимките од прислушувањето. Ова сомневање го поткрепува и Ревизорскиот извештај од 2013 година што го објавивме, во којшто е “изразено мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на ВМРО-ДПМНЕ“ како и за усогласеноста на финансиските трансакции на ВМРО-ДПМНЕ со законите. Да не се навраќаме уште поназад за парите во кеш што ги примала лично Јанкулоска како генерален секретар на партијата и од каде се почетоците на криминалната империја на Груевски и неговите помошници – заклучи Шилегов.

На обвинувањето на Груевски дека СДСМ се потоколонаши Шилегов одговори дека тој речник е логичен за секој автократ или диктатор во заминување, се некој друг му е виновен особено измислени домашни и странски предавници. Во периодов што измина, вклучително и последнава половина година се изнаслушале се токму од Никола Груевски и неговата врхушка, за нaводни странски служби, за соработка со странски служби, за не знам што се не, не слушнавме ништо за неговата лична одговорност.

 

Поврзани новости