СДСМ: Од каде и се на ДПМНЕ 620.00 евра за услуги од странски ПР компании?

by Фокус

-Јавноста дозна дека ВМРО-ДПМНЕ има склучено два договори за ПР и лоби услуги со странски компании вредни над 103 илјади долари месечно. За шест месеци тоа се над 620 илјади долари или близу 2.000 плати со просек од околу 350 евра! Од каде им се на ВМРО-ДПМНЕ 620 илјади долари? Особено по скандалот со имотот на ВМРО-ДПМНЕ, вреден 11 милиони евра, што партијата го стекнала за само една година, прашуваат од опозициската СДСМ.

Тие велат дека ВМРО-ДПМНЕ  не само што се стекнала со 63 објекти низ државава во вредност од 11 милиони евра туку склучува и договори тешки повеќе од половина милион евра.

-Над 180 илјади граѓани во Македонија живеат со по 40 денари на ден. Над 500 илјади граѓани во Македонија живеат под прагот на сиромаштијата. Десет години ВМРО-ДПМНЕ е на власт а не изгради ниту еден студентски дом во Македонија. Но, затоа изгради луксузна партиска зграда во центарот на Скопје вредна милиони евра. Како додека граѓаните мака мачат со неплатените сметки, со извршителските блокади и не можат да обезбедат кров над глава ВМРО-ДПМНЕ се расфрла со милиони? Дали странските лоби и ПР компании на ВМРО-ДПМНЕ се платени со пари на граѓаните?, прашуваат од СДСМ.

 

Поврзани новости