СДСМ Неготино: Наместо игралиште, од Груевски и Спасов добивме пустелија

by fokus 16:31
16:31
  

Спортското игралиште во Неготино, сместено зад спортскиот центар ,,Младост“ кое што пред околу шест години свечено го отвори Никола Груевски, заедно со Диме Спасов, кој во тоа време беше директор на Агенцијата за млади и спорт, пропаѓа поради негрижа.

Обраснато со троскот, во кој летоска се кријат змии, а ноќе љубовно катче и зборно место на зависници од дрога, игралиштето кое што требаше да претставува спортски терен, полн со деца и младинци, денес е заборавено место.

- Advertisements -

thumbnail_vasko-stefanov1

Васко Стефанов, претседател на СДСМ Неготино вели дека неготинчани наместо игралиште добиле љубовно собиралиште, и напразно биле потрошени многу пари.

 ,,Игралиштето е во сопственост на Агенцијата за млади и спорт, а одржувањето на ЈП „Комуналец“, но како што можат да видат сите неготинчани, воопшто не се одржува. При градењето, лошо е направен последниот слој на земја, и тревата воопшто не расте. Моментално, прекриено е со блор и со троскот! Соблекувалните се посебна приказна – збиралиште на зависници од дрога и швалери! Група спортски ентузијасти се обидуваат да одржуваат делови од објектот, за да можат да ги користат, но сето тоа е на доброволна база. Му порачуваме на Груевски, кој сечеше лента на отворањето, и на сите останати кои што се одговорни за вакви објекти ќе одговараат! Нестручно е направено, а за него се потрошени многу пари“, вели Стефанов.
thumbnail_igraliste-negotino-2010
 

Сите што прошетале покрај игралиштето, можат да забележат купишта ѓубре – кондоми, влажни марамчиња, празни пакувања од разни лекарства. Често може да се видат крави, магариња и коњи на пасење.

 


Спортски терени зјаат и пропаѓаат, а се фрлаат пари за нови  

Инаку, за игралиштето беа одвоени 12 милиони денари, обезбедени од Агенцијата за млади и спорт и Владата на РМ. На отворањето, Груевски и Спасов на спортистите и спортските клубови кои требаше да го користат игралиштето им посакаа многу одиграни мечови, квалитетни натпревари и добри резултати, а до сите рекреативци упатија покана што е можно почесто и помасовно да го посетуваат и користат игралиштето.
 

И додека игралиштето пропаѓа, минатиот месец во Неготино, во населбата Саат Кула беше поставен асфалт на двојниот тениски терен, проект за кој се издвоени  9.200.000 денари, а кој треба да биде завршен наскоро. Треба да бидат поставени и реквизити, акрилна подлога, ограда и осветлување за да може да се користи и ноќе.

Исто така, почна реновирањето на просторот околу Спомен костурницата во градот, каде што е планирано да се иградат пешачки патеки, игралиште за кошарка, игралиште за одбојка на песок, фонтана и друго. За овој проект се издвоени  4.000.000 денари.

Лани, во населбата Саат кула се отвори мултинаменско игралиште со терени за фудбал, ракомет и кошарка, изградено со средства од Агенцијата за млади и спорт во висина од 7.000.000 денари. Тогаш, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, го сефтоса, игралиштето со гол во фудбалската мрежа.

Токму поради изградбата на нови спортски терени, додека и не така старите пропаѓаат пред очите на јавноста, реагира СДСМ Неготино.

Вики Клинчарова

Поврзани новости