СДСМ не исклучува предвремени парламентарни избори, ВМРО претходно бара нов Изборен законик

by Фокус

Најголемата владејачка партија – СДСМ, ја остава отворена можноста за предвремени парламентарми избори со или после евентуалниот референдум за името наесен  доколку дојде до конечен договор меѓу Македонија и Грција или пак во пакет со редовните претседателски избори во првата половина на следната 2019 година.

-Ние сметаме дека нема потреба од избори, бидејќи времето треба да се искористи за решавање на отворените прашања, за носење на реформските закони и за нивна имплементација, но доколку се јават како неопходна потреба тогаш може да се оддржат предвремени парламентарни избори. Сите опции се отворени – велат за Фокус високи извори од СДСМ, додавајќи дека сите анкети покажуваат дека имаат повисок рејтинг во однос на политичките конкуренти.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, посочуваат оти тие побарале предвремени парламентарни избори заедно со првиот круг од претседателските избори што треба да се оддржат следната година, бидејќи дотогаш има доволно време да се создадат потребните услови преку усвојувањето на нов Изборен законик, односно интервенции во изборната регулатива.

-Со евентуалниот референдум за името тешко дека може да се оддржат и парламентарни избори бидејќи нема доволно време да се сработи Изборниот законик. Плус, прашање е дали воопшто ќе има решение за името, а со тоа и референдум – ни изјави висок партиски функционер, кој проценува дека владејачките партии ќе одат на редовни парламентарни избори на крајот на 2020 година, бидеќи, според него, следната година нема да им биде сигурна победата.

Инаку, политичките партии веќе се договорија да се екипира Државната изборна комисија со 7 члена (опозицијата да го има претседателот, a власта мнозинството), кои ќе имаат мандат од 6 месеци, поради извршување на тековни работи, но и поради можноста до крајот на годината да се оддржи референдум за името, додека следните избори би требало да ги спроведе нов состав на ДИК според модел утврден во новиот Изборен законик.

В.С.

Поврзани новости