СДСМ најавува кратење на трошоците, ВМРО обвинува дека манипулира

by fokus

Владата предводена од СДСМ подготвува ребаланс на Буџетот со кој дополнително ќе се скратат уште 100 милиони евра непродуктивни трошоци.Ова е дополнително на кратењето од 8% на тековните расходи минатата година и дополнителните мерки кои што се направија во првите 100 дена од Владата за ограничување на трошоците, велат од владејачката партија.

-Со кратење на непродуктивните трошоци и заштедите се отвора можност за нови мерки за граѓаните и компаниите за амортизирање на ударот од светската економска криза. Веќе се реализира пакет мерки во вредност од 400 милиони евра за заштита на стандардот на граѓаните и одржување на ликвидноста на компаниите. Со намалување на ДДВ на нула отсто за основните прехранбени продукти, намалената акциза за горивата, субвенционирањето на сметки за електрична енергија сериозно се намалуваат трошоците на семејствата на месечно ниво, се вели во соопштението на СДСМ.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кратењето на непродуктивните трошења со ребалансот на буџетот е чисто манипулирање на јавноста и признание дека оваа Влада не работи домаќински

-Најавеното касно кратење на непродуктивните трошења со ребалансот на буџетот е чисто манипулирање на јавноста и признание дека оваа Влада не работи домаќински и во интерес на граѓаните.

Прашањето е: Зошто воопшто беа планирани овие 100 милиони евра за непродуктивни трошења сред криза? Да потсетиме, буџетот се носеше во декември 2021 година сред енергетска криза и разгорена инфлација. Опозицијата тогаш јасно укажуваше дека буџетот е расипнички и нереален, со непродуктивни трошења, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости