СДСМ ја повикува ВМРО – ДПМНЕ да прифати дека е опозиција и мирно да ја предаде власта

by fokus

СДСМ денеска и порача на ВМРО – ДПМНЕ да најде здрав разум и да прифати дека е опозиција, а потоа да овозможи мирен трансфер на власта.

„Криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ не може да ги држи во заложништво граѓаните и Република Македонија. Во ВМРО-ДПМНЕ има луѓе кои знаат дека криминалците во нивната партија ја загрозуваат иднината и на нивните деца и тие имаат обврска да постапат разумно. Мора да има трансфер на власта, тоа е мнозинската волја и ВМРО-ДПМНЕ И Горге иванов се должни да овозможат мирен трансфер на власта! Волјата на мнозинството граѓани е јасна и исто така 700.000 граѓани, преку 67 пратенички мандати имаат право и обврска да го изберат новиот претседател на Собранието, а потоа и новата реформска Влада. И тоа ќе се случи согласно Уставот, Деловникот и законите“, се наведува во соопштението.

Партијата нагласува дека Никола Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ не смее да поттикнува насилство врз мнозинството од граѓаните и парламентарното мнозинство, поради заштита од одговорност за своите криминали.

„Не смее да прават поделби и да шират омраза помеѓу граѓаните за заштита на криминалните и нафтени платформи. Покрај јасно изразената волја на мнозинството од граѓаните за промени, и целата демократска меѓународна заедница повика на почитување на демократските принципи, на здрав разум и на мирен трансфер на власта. Неколкумина криминалци нема да ја одредуваат иднината на нашите деца“, соопшти СДСМ.

Поврзани новости