Партиите предводени од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ да застанат заеднички зад независен кандидат за градиначалник на локалните избори во Кочани – ова ќе биде еден од главните предлози на лидерот нa СДСМ Венко Филипче на лидерската средба која планира да ја иницира следната недела и да ги покани лидерите на партиите секој поединечно.
Првиот социјалдемократ за ТВ 24 вели дека по трагедијата во Кочани, граѓаните бараат натпартиска соработка.
-По трагедијата во Кочани, граѓаните бараат натпартиска соработка. Тргнувајќи од барањата на граѓаните ќе иницирам лидерска средба, на која ќе предложам сите партии да застанеме зад заеднички независен кандидат за градоначалник во Кочани на локалните избори во октомври – вели Филипче.
Лидерот на СДСМ додава дека на агендата за состанокот кој ќе го иницира планира да предложи и стратегија околу членството на Македонија во ЕУ, реформската агенда со акцент на правиосудството, но и реформи во здравството и изградба на нов клинички центар за кој како што вели се покажала потреба, образованието и админситрацијата.
Идејата за состанок која ја заговара првиот социјалдемократ на Илинденска ја пречекаа воздржано. Од таму велат дека ќе одговорат кога ќе стигне иницијативата.