СДСМ: Груевски треба да одговара за своите постапки и да се соочи со правдата

by fokus

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и екс премиер Никола Груевски, денеска пак не се појави на распит во Специјалното јавно обвинителство. По ова, од владеачката СДСМ побараа тој да одговара за своите постапки и да се соочи со правдата.

„Секој граѓанин на Република Македонија, вклучително и Груевски, треба да одговара за своите постапки пред независен, професионален и непристрасен судски систем. Никој не смее да се става над законите и владеењето на правото. Никој, па ниту Никола Груевски не може да избегне соочување со правдата и правната држава. Наместо да бега од обвинителите, Груевски треба да собере храброст и да се соочи со правосудните органи“, соопштија денеска од СДСМ.

„Времето на сваровски судството заврши. Македонија мора да биде и ќе биде правна држава во која законите ќе важат за сите подеднакво без разлика на нивната етничка, верска, политичка или каква било припадност“, додаваат од партијата.

Портали блиски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, објавија дека Груевски е на патување надвор од државата со сопругата Боркица и децата.

Поврзани новости