СДСМ го повикува Диме Спасов да не се крие и да преземе одговорност за дивеењето

by fokus

Дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов веќе четврти ден се крие од јавноста, надевајќи се дека неговото дивеење наскоро ќе биде заборавено наместо да се извини и да ја преземе одговорноста, реагираат социјалдемократите.

Опозициската партија го повикува на одговорност и директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, „чие службено возило Спасов го злоупотреби за дивеење по скопските улици, и тој се впушти во бранење на злоупотребите.“

„Тоа уште еднаш докажа дека во врвот на ВМРО-ДПМНЕ – сите се Диме Спасов! Скандалозниот случај во кој заменик – министер со службен автомобил земен од туѓа институција и надвор од работно време, во доцните вечерни часови, предизвика сообраќајни несреќи низ скопските улици, а потоа бегаше од полицијата – мора да добие разрешница.

Случајот во кој за само една вечер се направени неколку кривични дела и се вмешани две државни институции мора да биде расветлен што поскоро. И Диме Спасов и Влатко Поповски мора да сносат и правна и политичка одговорност.  Помина времето кога послушниците на Груевски минуваа неказнето за нивните испади. За сите кои го прекршиле законот во овој, но и во други случаи одговорност мора да има и ќе има“, се вели во соопштението на СДСМ.

Освен пред законот, тие ќе одговараат и пред граѓаните, порачува СДСМ.

„На 11 декември граѓаните на Македонија ќе им врачат откази и на Диме Спасов и на Влатко Поповски и на сите оние кои десет години се однесуваа девијантно и криминално без притоа да сносат никаква правна и политичка одговорност“, вели СДСМ.

Поврзани новости