СДСМ го одбрани Анѓушев, но ни збор за обвинувањата дека Заеви влегле во бизнисот со марихуана

by fokus

Пред да шири лажни вести, ВМРО-ДПМНЕ да ги научи основните економски лекции, Владата работи одговорно и во интерес на граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ не може да ги прифати успешните политики на Владата предводена од СДСМ и затоа продолжува да ја лаже јавноста преку лажни вести и измислици, велат од Центарот за комуникации на СДСМ откако ВМРО-ДПМНЕ обвини дека семејството Заеви влегле во милионскиот бизнис со марихуана.

Од СДСМ не ги објаснуваат овие информации, туку реагираат на обвинувањата за фирмите на вицепремиерот, Кочо Анѓушев.

„Тендерот за кој денеска ВМРО-ДПМНЕ неосновано обвинува никогаш не бил реализиран. Иако не постоела законска пречка, вицепремиерот Кочо Анѓушев се откажа од јавниот повик што беше добиен во време кога тој не бил именуван функционер. Пред да шири измислени скандали, ВМРО-ДПМНЕ треба да ја научи основната економска лекција дека државната сопственост е разделена од приватната. Несериозно и лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ да измислува вакви лаги, кога токму таа партија беше на пат целото стопанство да го претвори во семеен бизнис на фамилијата“, велат од владејачката партија.

За разлика од офшор шемите и фирмите од Белизе на ВМРО-ДПМНЕ, додаваат од таму, вицепремиерот задолжен за економски прашања Анѓушев, прикажа се во својот имотен лист којшто беше јавно и транспарентно објавен.

„Очигледно е дека измислиците и лажните вести остануваат единствен начин на делување на ВМРО-ДПМНЕ, а опозициската партија не покажува капацитет да ги надмине поразените политики на пропаганда и манипулација. Владата предводена од СДСМ и сите нејзини функционери продолжуваат да работат посветено, одговорно, отчетно и единствено во интерес на граѓаните“, додаваат од Центар за комуникации со јавноста на СДСМ.

Поврзани новости