СДСМ: Буџетот ќе се полни со 300 милиони евра од казни

by Фокус

Во Буџетот за 2015 година е предвидено да се соберат 300 милиони евра по основ на такси, глоби, казни на грбот на граѓаните. Тоа се дури 40 милиони евра, повеќе од лани, што треба да влезат во Буџетот по основ на казни, реагираше денеска Васко Ковачевски, пратеник и член на Комисијата за економија на СДСМ.

– Ете зошто најранливата категорија граѓани, мајстори, занаетчии, кои работат за по 150 денари, ќе добијат казна од 1.500 евра ако еднаш бидат фатени без лиценца, а ако бидат втор пат фатени, ќе бидат казнети со 6.000 до 9.000 евра. Ете зошто вие како нарачател, ако викнете мајстор без лиценца, ќе бидете казнети со 1.000 евра. Ете зошто се менува и Законот за сообраќај, а казните се качуваат двојно повеќе од досега – до 500 евра. Ете зошто им е потребно екстерното тестирање. 2.000 казнети наставници цела година ќе земаат по 15 отсто помали плати. Ете зошто лекарите, ако одбијат обука во странство ќе бидат казнети со 7.000 евра, а ако не останат во јавното здравство ќе мораат да платат вртоглави 25.000 евра. Ете зошто власта молчи за задолжителната резервна каса за фирмите, што им ја најдовме во изменет закон, којашто ќе ги чини трошок до 1.000 евра. Ако ја немаат, се знае, казна. Колку? 2.800 евра – коментираше Ковачевски.

СДСМ предлага да казните да се намалат за половина, да има прво опомена за сторен прекршок, а казна само при негово повторување, скалест пристап во казнената политика, според приходите на граѓаните и на фирмите. Едукација по опомена, но не формална, туку вистински инструмент за почитување на законот.

Според опозицијата принципот „прво опомена“ треба да важи и за присилна наплата на долгот, со што ќе се зачува финансиската дисциплина, но и ќе се избегна блокирањето на сметките на даночните обврзници.

Поврзани новости