СДСМ бара одговорност за поплавите, за ВМРО-ДПМНЕ тоа е некрофилија

by fokus

Од Социјалдемократскиот сојуз денеска уште еднаш побараа одговорност за последиците од катастрофалното невреме во скопско, кое однесе 22 човечки животи.

Портаролот на партијата, Петре Шилегов денеска порача дека власта ќе одговара за лажење, неспособност и за нанесување штета на граѓаните.

– Ќе одговараат зашто пуштиле во употреба ризична обиколница, зашто не го предупредиле населението навреме за катастрофата, зашто не ги исчистиле каналите и коритата, зашто не го сопреле сообраќајот кон ризичното подрачје. Никола Груевски,  катастрофата што го снајде Скопје е поради твоја негрижа! Во 2009 година, заедно со Миле „ми текна“ Јанакиески си сечел лента за пуштање на обиколницата, а не си обезбедил заштита од поплава на околината – рече Шилегов.

Од владечајката партија пак, ги отфрлаат овие обвинувања и велат дека СДСМ сака да добие политички поени, злоупотребувајќи ја трагедијата.

-Нема граѓанин на Македонија кој не се срами од чистата некрофилија со која СДСМ срамно се обидува да собере некоја трошка меѓу политичките поени. Нема човек кој не смета дека се врв на дегутантност класичните обиди на СДСМ да ја злоупотреби трагедијата во која загинаа 22 луѓе. Граѓаните знаат дека членовите и партиските функционери на ВМРО-ДПМНЕ беа на терен, меѓу армијата и волонтерите, помагајќи им на настраданите во поплавените подрачја во страшната природна катастроф- стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости