СДСМ бара бесплатен превоз за студентите секој ден

by Фокус

Бараме бесплатен јавен превоз на студентите секој ден, а како единствена легитимација да се користи студентскиот индекс, рече денеска Стефан Богоев, претседател на СДММ.

„Откако Владата на Никола Груевски под притисок на јавноста, се одлучи  да додели еден бесплатен автобуски ден за студентите, сега ги малтретира младите со дополнителни бирократски обврски. Прво, младите за да можат да се возат бесплатно секој четврток, наместо студентски индекс ќе мораат да приложат посебна легитимација. Редовните студенти ќе треба да приложат заверено барање и фотографија до ЈСП, а на вонредните ќе им треба и потврда од Агенцијата за вработување дека не се во работен однос како и здравствена легитимација на увид! Ова се дополнителни и непотребни административни работи, кои на студентите им задаваат проблеми, бидејќи како што велат и тие, службите на факултетите се бавни и се чека по неколку денови за една формална потврда“, рече Богоев.

Затоа, младите социјалдемократи бараат бесплатен превоз за студентите секој ден. Идејата била предложена и до Советот на Град Скопје, но мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ не се согласило.

„Тоа што за власта поголем приоритет има на пример 15 – милионско панорамско тркало, наместо стандардот на младите, е класичен доказ дека тендерите за оваа власт се пред и над се. Ја повикуваме власта на Никола Груевски, да го прифати предлогот на СДСМ за бесплатен автобуски превоз за студентите, секој ден, а во меѓувреме да ги олесни бирократските процедури за најавениот “бесплатен четврток“. Во спротивно ќе се покаже дека нивниот предлог е само фарса, а не вистинска желба да се излезе во пресрет на студентите“, рече Богоев.

Поврзани новости