Савески: Со закон ќе го смениме името на ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Разговараше: Катерина Смилева

Партијата Левица одлучи на претстојните парламентарни избори да настапи самостојно. Во интервју за „Фокус“, носителот во изборната едница 5 од оваа партија, Здравко Савески вели дека Левица ќе го подобри животот на сиромашните граѓани и дека ќе се бори за социјална правда и еднаквост. Ќе ја декриминазираат употребата на марихуана и ќе се борат за еднаквост на луѓето со различна сексуална ориентација. Нивната програма предвидува и забрана за користење на името „ВМРО“ од политички партии или организации.

ФОКУС: „Левица“, одлучи да настапи самостојано на предвремените парламентарни избори на 11 декември. Што им нудите на граѓаните во својата изборна програма и зошто би гласале за вас?

САВЕСКИ: Левица се бори не само за враќање на слободата, туку и за воведување на социјалната правда во Македонија. Дваесет и пет  години немаме социјална правда, иако во Уставот пишува дека Македонија е социјална држава. Досега само ја разградуваа социјалната држава и фрлаа трошки на граѓаните. Во буџетот има пари за драстично намалување на сиромаштијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Левица ќе се бори конечно Македонија да стане социјална држава и обичниот народ да живее подобро.

ФОКУС: Во фокусот на вашата програма се работничките права и економијата. Како Левица ќе ги унапреди овие полиња?

САВЕСКИ: Работничките права досега беа континуирано намалувани. Работниците секогаш беа жртви за подобра економија и повисок Бруто-домашен производ. Значи, работниците се човечки битија, си имаат свои права и не може да се гази по нив. Тоа не смее да се дозволи. Во Македонија има режим, не само на ниво на држава, туку има режим и во фабриките и во дуќанчињата. На тој режим се изложени работниците. Под итно мора да се подобри законодавството кое се однесува на работниците и Државниот инспекторат мора да престане да спие. Треба да почне да си ја врши да ги спроведува законите, бидејќи скоро во секоја фирма, чест на исклучоците, постојат работнички права кои се кршат.

ФОКУС: Во вашата програма се наведува дека ќе воведете прогресивен данок на добивка. Имајќи предвид дека овој вид на данок предизвикува даночна евазија, со кои инструменти тоа ќе го спречите?

САВЕСКИ: Ние ќе воведеме прогресивно оданочување на ниво на повеќе даноци, вклучително и данокот на добивка. Газдите досега можеа непречено да се збогатуваат на грбот на работниците и додека тие не можеа крај со крај да сврзат, газдите се возат со скапи „Мерцедеси“. Сето тоа е поради неправедната буџетска политика. Не може во Македонија квалитетен живот да имаат само богатите, туку сите граѓани. Секогаш постои опасност за даночна евазија, но ако фукционира државата, таа ќе ја нема или ќе биде сведена на минимум. Даночната евазија секогаш се користи од страна на богатите како изговор за да се спречи државата да работи во корист на сиромашните. Нема да им помине тој аргумент.

ФОКУС: Вие сметате дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која и нанесе голема штета на државата, па затоа планирате воведување забрана за користење на името „ВМРО“ од било која политичка партија или организација?

САВЕСКИ: Тоа се менува со закон. Ако има парламентарно мнозинство кое ќе донесе законско решение со кое ќе ја забрани употребата на името „ВМРО“, тоа ќе биде применето во практиката. Во други држави се забранувало партии да носат одредено име. На пример, во Германија е забрането партија да се вика Националсоцијалистичка партија. Мораме да потенцираме дека ВМРО-ДПМНЕ нема никакви врски со ослободителното движење во време на турско и дека тие величат ликови кои се доста проблематични како Тодор Александров, такашто и самите се одвојуваат од она вистинско ВМРО на Гоце Делчев, Никола Карев и Јане Сандански. Исто така, го величат нарачателот на убиствата на Јане Сандански, на синот на Гоце Делчев, Тодор Чопов, што значи дека тие не заслужуваат да го користат името. Не смее и понатаму да им се дозволи да манипулираат со народот, повикувајќи се на слободарските традиции на ТМОРО. Слободарските традиции на ТМОРО ги застапуваме ние, а не ДПМНЕ

ФОКУС: Според последните статистики, од Македонија досега се иселиле околу 600.000 граѓани. Кои мерки вие ќе ги преземете како партија, за да ги задржите младите во Македонија?

САВЕСКИ: Тоа е еден од најголемите проблеми, ни бегаат младите во странство и се уништува иднината на оваа земја, бидејќи е создадена клима на неслобода, која ги принудува младите да си одат. Прв услов е да се врати слободата во Македонија и да дишеме слободно. Но, и тоа не е доволно. Под итно мора да се реши проблемот со корупцијата. Не смее партиски кадри, па макар и од Левица да бидат на одредени позиции, само затоа што се од партијата. На позиции мора да бидат најквалитетните луѓе. Еден млад човек и општо еден граѓанин кој кога ќе се пријави на конкурс, ако работно место го добие некој што е поквалитетен од него, нема да се лути и нема да биде разочаран. Но, ако гледа дека некој кој е тотално неспособен, а по партиска линија го добива работното место, тоа создава голем револт. Ако пет-шест пати доживее такво нешто, нормално е тој да си го бара чарето надвор од земјата. Мора конкурсите за вработување да бидат пополнувани со оние кои имаат највисоки квалификации.

ФОКУС: Здружението за критички пристап кон родот и сексуалноста „Субверзивен фронт“ ја започна кампањата „Гласај за еднаквост“ при што и вашата партија пополни прашалник. Кој е ставот на Левица по однос на правата на ЛГБТИ заедницата во Македонија?

САВЕСКИ: Не смее да има дискриминација по ниту една основа, вклучително и по сексуалната ориентација. Она што е трагично е што Македонија е една од најхомофобичните држави во цела Европа, нешто што мора под итно да го промениме. Македонија мора да биде напредна земја, која ќе биде секогаш меѓу првите во Европа, а не секогаш меѓу последните. Мора да се работи на подигнување на свеста на луѓето за еднаквоста и за недискриминација. Државата мора да обезбеди рамноправен однос на сите, вклучително и на оние со различна сексуална определба. Меѓутоа, мора да се работи и со граѓаните за да се подигне свеста дека не треба да дискриминираат, бидејќи многу често не само државните органи, туку и граѓаните вршат дискриминација врз ЛГБТИ заедницата.

ФОКУС: Дали Левица целосно ќе ја легализира марихуаната, вклучувајќи и легализација на користењето на марихуаната за лична употреба?

САВЕСКИ: Тоа што Владата го направи со дозволата за користење на канабисот за медицински цели е само еден позитивен чекор во вистинска насока, но не е доволен. Тие тоа го направија за да и овозможат екстра профит на фармацевската индустрија. Меѓу другото, Владата призна за лековитите својства на марихуаната. Таа спаѓа во категоријата на алкохолот и никотинот. Не се гледа ништо проблематично во користењето на никотин и алкохол, а притоа се стигматизира марихуаната, која според сите нови научни сознанија има и лековите дејства. Мора да се дестигматизира марихуната и нејзината употреба. Сепак, тоа треба да има одредени рамки: Да не смее како под дејство на алкохол, така и под дејство на марихуана да се управува со автомобил. Сетоа тоа треба да се регулира, но треба да се пристапи со отворен ум. Ние сме за декриминализација на марихуаната за лична употреба.

ФОКУС: Неколку од најистакнатите членови на Левица не се најдоа на пратеничките листи. Дали причина за тоа е разидувањето на ставовите околу тоа дали да настапите самостојно на изборите или да коалицирате со СДСМ?

САВЕСКИ: Најголемиот дел од истакнатите членови на Левица ги има на листите. Ние не сме партија која спроведува партиска диктатура, па да ги принудуваме нашите членови да се кандидираат. Додека во другите партии владее борба за функции и позиции, кај нас луѓето се далеку поскромни. Некои не се пријавија поради скромност, некои не се пријавија поради страв од губење на работното место, а некои не се пријавија поради несогласување со самостојниот настап. Но, одлуката за самостоен настап на Левица е донесена во целосно демократска процедура, која е доста различна од другите партии. Ние ја практикуваме демократијата, а не само да кажуваме дека сме нејзини приврзаници. Го почитуваме личниот став на оние наши членови кои не се кандидираа поради самостојниот настап, како што го почитуваме ставот на оние наши членови кои од страв за работното место не се пријавија на листите. Но, продолжуваме понатаму, одлуката на нашиот Централен комитет е да одиме самостојно на избори.

ФОКУС: Што ако на 11 декември победи ВМРО-ДПМНЕ и ако успее да формира влада? 

САВЕСКИ: ВМРО-ДПМНЕ нема да победи на 11 декември. Иако, се уште има страв кај луѓето, тој драстично се намалува и се топи. Без заплашување на граѓаните, ДПМНЕ не може да победи на изборите. Ние го дадовме предлогот кој дополнително може да придонесе ВМРО-ДПМНЕ да не биде дел од идната влада и ќе го повториме: Сите партии експлицитно да кажат дека нема да прифатат да бидат дел од влада со ВМРО-ДПМНЕ, ниту да поддржат една таква влада. Ако сите политички партии тоа го изјават и цврсто стојат на таа позиција, односно ако држиме до антирежимската настроеност тогаш ВМРО-ДПМНЕ сигурно оди во опозиција, а оттаму и во ѓубриштето на историјата, каде што и е вистинското место. Левица во овој контекст повторно категорично изјавува дека, ниту ќе поддржи влада во која е ВМРО-ДПМНЕ, ниту ќе учествува во една таква влада.

Поврзани новости