Савески: Богоевски одамна требаше да си поднесе оставка, а со него и другите независни пратеници од коалицијата на СДСМ

by fokus

Откако се појави аудио-снимката со пратеникот Павле Богоевски, во јавноста се отвори дебата дали тој треба да си поднесе оставка. Професорот Здравко Савески во изјава за „Фокус“ вели дека Богоевски одамна требало да поднесе оставка, затоа што, според него, заборавил на се за што се бореше во Шарената револуција.

-Павле Богоевски треба да поднесе оставка. Фактички, веќе одамна требаше да поднесе оставка. Сето она за што се бореше во т.н. Шарена револуција, се’ заборави кога седна на фотелјата. Заборави дека граѓаните кои протестираа се бореа за владеење на правото и за социјална правда. Самиот соучествуваше во менувањето на Кривичниот законик за да се истера политичка агенда и да се спасат од правдата одредени лица. Не побара одговорност од претставниците на извршната власт поради бегството на Груевски. Не придонесе за намалување на привилегиите на функционерската класа. Не упати речиси ниту една критика на злоупотребите на власта од страна на СДСМ при слични ситуации кои остро ги критикуваше за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Во целина, тој се вклопи во сивилото на пратениците на СДСМ во Собранието, наместо да биде гласот на граѓанските активисти во него, вели Савески.

Тој додава дека што Богоевски немал волја или храброст „од внатре“ да се спротивстави на се што се случува, единствената друга опција е поднесувањето оставка.

-Се’ друго – е само голо фотелјаштво. А со него, се разбира, оставка треба да поднесат и останатите т.н. независни пратеници во коалицијата на СДСМ. Ќе имаат доблест за тоа или љубовта кон фотелјата, парите и привилегиите е поголема?, завршува Савески.

К.С.

Поврзани новости