Сашо Орданоски: Скопје стана метропола за џукели!

by fokus

Проблемот со бездомните кучиња секојдневно е актуелна тема, а во МВР често има пријава за каснати граѓани од кучињата-скитници. Се чини дека посерозна одговорност за кучињата никој не сака да преземе, а топката се префрла од една на друга страна.

Новинарот Сашо Орданоски во својата колумна за ЦИВИЛ, даде свое мислење за проблемот кој долги години е во главниот град.

„Едно е да слушаш на телевизија и да читаш по интернет каков е проблемот со бездомните кучиња во центарот на градот; друго е тој чопор од грди џукели – ги имаше петнаесет, дваесет, триесет – да го видиш со свои очи! Неверојатна глетка! Оптегнати на штедрото ноемвриско сонце, дрско се сончаат на сред шеталиштето, додека не решат, во здивена глутница, да му се вдадат на некој несреќник на велосипед… Тогаш настануваат панични сцени – на комплетна фрапираност од преплашените турски и кинески групички на туристи, изгубени во македонскиот простор и време – како од некоја холивудска филмска дистопија, како да се снима ново продолжение на „Лудиот Макс“ среде Скопје.

Не само што заканувачки и запенавени лаат како пуштени од синџир (што и се), туку и гризат, апат. Како вистински сајбии на тој јавен простор. Луѓе – деца! – бегаат, врескаат, се бранат со зембили и чадори… Кинезите, тие песји гастрономи, сликаат ли сликаат.

Добро, ако сте сè уште во овој текст со мене, мислам дека доволно вознемирувачки и илустративно ви го опишав проблемот.

Чаре, спас, решение…?

Веројатно ќе се согласиме дека најевтиниот и најефикасен начин за справување со ова акутно загрозување на јавната безбедност – отров, куршум, стап и сл. – не прилега на цивилизирано општество. Од друга страна, бидејќи ние тоа (цивилизирани) не сме, можеби аргументите за, в зори, „успивање“ на оваа армија градски џукели не се сосема истрошени? … Уууупс! Многу се извињавам, и со реторикава се претера, ја повлекувам дилемата!, се вели во дел од колумната на Ордановски за ЦИВИЛ.

Поврзани новости