Сашко Коцев: Вознемирувањата во публика убиствено ме нервираат!

by Fokus 20:00
20:00

Ѕвонење на мобилни за време на претстава, фотографирање, влегување и излегување надвор, се редовна практика во нашите театри. Некултурата на одреден број на посетители е причина за нервоза кај вистинските љубители на уметноста, но многу често и кај самите уметници.

Најверојатно испровоциран од ваквите невоспитани посетители, актерот Сашко Коцев и ја појасни суштината на театарот на публиката.

- Advertisements -

,,Драга публико,

Суштината на театарот е ова:

Актерите на сцена се преправаат дека никој не ги гледа, а публиката скришно, воајерски ѕирка како низ прозорчиња и се преправа дека не е тука за ние да можеме да ја донесеме магијата наречена театар.

Таа магија се остварува кога ние ќе заборавиме дека некој нé гледа, а кога публиката ќе заборави дека ѕирка.Тоа е бесценетиот момент заради кој излегуваме егзалтирани после претставата” – појаснува Коцев.

Тој додава дека сите вознемирувања од страна на гледачите, дури повеќе и сметаат на публиката, отколку на актерите.

,,Сето ова го рушат сите ѕвонења и јавувања на мобилни, сликање со блиц, довикувања, разговори, влегување 20 минути подоцна, носење три годишни деца на вечерна претстава.

Овие работи веднаш нé враќаат во реалноста… И вас, и нас.
Вчера гледав претстава и сфатив дека сите вакви вознемирувања убиствено повеќе ме нервираат како гледач, отколку како актер” – потенцира актерот на својот официјален Фејсбук профил.

Во Македонија е практика да не се седи мирно за време на претстава или концерт. Многумина се сеќаваат на случката од пред седум години, кога за време на концертот на камерниот оркестар на Арката Штутгарт од Германија во Домот на АРМ, диригентот го прекина концертот.

Поради упорното ѕвонење на мобилен телефон во публика, диригентот Патрик Штруб се сврте кон публиката и праша дали ќе сакаат да се одговорат на повикот, по што сопственикот на телефонот, посрамен излезе надвор.

 

 

Поврзани новости