Сардич МЦ: Казандол нема да загадува, туку ќе донесе бенефит

by fokus

При работење на Рударскиот комплекс Казандол воопшто нема да се користат опасни хемиски материи, ниту арсен, ниту цијанид, ниту, пак, други отрови, реагираат од компанијата Сардич МЦ ДООЕЛ Скопје која ја доби концесијата, по денешниот протест на граѓани во Скопје и Валандово.

Од компанијата посочуваат дека заштитата на животната средина е нивен врвен приоритет и тврдат дека работењето на рудникот нема да продуцира никакви негативни влијанија и последици врз животната средина.

„Производствениот процес ќе се реализира со хидрометалуршка технологија за извлекување на металот во затворен безбеден циклус кој не дозволува никакви емисии во надворешна животна средина и е без загрозување на здравјето и безбедноста на луѓето, велат од компанијата. Комплексот се реализира со целосно почитување на сите законски прописи и сите договорни обврски“, велат од Сардич МЦ.

Од таму посочуваат дека рударскиот комплекс воопшто нема да има негативни влијанија ниту последици кон земјоделското производство и додаваат дека се отворени за дебата и дискусија на сите теми со сите засегнати.

„Рударскиот комплекс Казандол нема да врши загадување, туку ќе донесе бенефит за Буџетот на Република Македонија, бенефит за буџетите на општините Валандово, Богданци и Дојран, позитивно ќе влијае на економскиот развој на регионот, ќе создаде нови работни места и ќе придонесе за развој и на други стопански гранки. Нашиот проект позитивно ќе делува во растот на БДП и во ниту еден сегмент нема негативно да делува на животната средина, порачуваат од Сардич МЦ ДООЕЛ Скопје.

 

Поврзани новости