Сарацин: Знам дека е тежок момент за вас, но моментот носи надеж

by fokus

Со прифаќањето на францускиот предлог се овозможува веднаш да се започне процесот на пристапните преговори на Северна Македонија кон ЕУ без понатамошни одолговлекувања и без можност за блокади. Германија е на страната на Северна Македонија и ќе се залага европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее, посочи германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин кој денеска е во официјална посета на нашата земја.

Тој на денешната прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека вратата кон пристапување на Северна Македонија во ЕУ со овој договор е широко отворена. За да се влезе низ оваа врата, како што рече, не е лесно, но тоа е одлука на нашата политика и на нашата земја.

-Знам дека ова е тежок момент за вас сега и за луѓето, но истовремено е и момент кој носи одредена надеж во себе. Верувам во македонската политика и во луѓето и оти сите заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ. Нападот на Руската Федерација врз Украина покажува колку е важно заеднички да се решаваат проблемите, да се организираме, но и ни покажува дека ништо повеќе не нуди толкава сигурност како да се биде во европските организации, преку европските договори, додаде Сарацин.

Според Сарацин, овој договор е добар бидејќи се земени в предвид барањата на Владата на Северна Македонија и истиот предвидува процесот на пристапните преговори да започне веднаш без одолговлекување.

Посочи оти разбира дека има и критики за предлогот, дека постои грижа за сопствениот национален идентитет при што потенцираше дека за Германија е многу јасен, но како што рече, со овој предлог нашиот идентитет е сочуван.

Поврзани новости