Сара и Ана беа придружни вокали на ,,Глумците пеат”, шоуто е одложено поради трагедијата: Тие беа дел од нашето семејство!

by Fokus

Одложена е манифестацијата ,,Глумците пеат”, која требаше да се одржи на осми и девети април во Македонски народен театар Скопје.
Како што известија од организацијата, шоуто е одложено и ќе бидат објавени нови датуми, бидејќи истото постои за да носи радост и заедништво, а во овие моменти, по трагедијата во Кочани, никој нема сила за тоа.

-Изразуваме длабоко и искрено сочувство до семејствата на загинатите во оваа ужасна и незапамтена трагедија а на повредените им посакуваме брзо оздравување. Навистина немаме зборови со кои можеме да ја опишеме тагата за сите загинати, како и за нашите колеги, уметници.

Во минатите две години Сара и Ана, како придружни вокали, беа сигурност и поддршка на глумците на сцена. Тие беа дел од нашето големо семејство.

Драга Сара, летај со ангелите, собери ги сите глумци и пејте силно за и ние да можеме да ве слушнеме.
Драга Ана, ти посакуваме брзо и лесно оздравување.

Ја известуваме јавноста дека во наредниот период нема да имаме никакви промотивни активности поврзани со нашето шоу.
Ова е време за молк, тага и молитва, соопштија од шоуто.

Инаку, Сара Пројковска и Ана Костадиновска повеќе од две децении беа придружни вокали на голем број на музичари и беа дел од многу забавни манифестации.

Сара го загуби животот во пожарот во Кочани, а пак Ана, која исто така беше во Кочани за време на кобниот настан, е на домашно лекување.

Вики Клинчарова

Поврзани новости