Сања Ристеска му честита на директорот на Службен весник: „Машала“ за роденденот на Лука Кржалоски!

by fokus 15:11
15:11

Фолк пејачката Сања Ристеска му го честита роденденот на Лука Кржалоски, новиот директор на Службен весник, кој денес наполни дваесет и четири години. Таа вели дека на младиот директор му посакува успешна кариера со нејзината песна ,,Машала“, и му пожелувала наредниот, дваесет и петти роденден да го слави дури и како министер.

thumbnail_sanja-risteska1-1

,,Ме изненади младоста на Лука, но и неговата амбициозност. Чудо е во една држава во развој, како што е Македонија, да имаме толку млади, а талентирани и вредни луѓе, кои што уште со неполни дваесет и четири години, ете успеаваат да станат директори на јавни претпријатија. Значи, искуството го добиле уште додека биле малолетни. Браво и машала, што друго да кажам! Секоја би си го посакала за момче, така успешен и популарен. Јас на пример, мојата кариера како фолк пејачка започнав да ја градам пред десеттина години, и еве, сеуште не можам да кажам дека сум на врвот, и покрај редовните настапи, снимања, турнеји… Одам чекор по чекор, а Кржалоски, пак ќе речам – машала, како што е тргнат, може да не изненади, па наредниот роденден да го слави како министер, а до дваесет и шестиот да стигне и до премиер“, раскажува прилепчанката.

- Advertisements -

thumbnail_sanja-r222

Таа е присутна на естрадата околу една деценија и на јавноста и е позната по своите провокативни песни како ,,Ме заболе“, ,,Керозин“, ,,Машала“, ,,Денот дојде“ и други. Често гостува во дијаспората, а наредниов период се подготвувала за турнеји во Данска и Италија. Пред новогодишните празници, планирала снимање на нова песна и спот.
Инаку, Лука Кржалоски е дел од Извршниот комитет на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и еден од најактивните млади членови на УМС. Тој дојде на местото на досегашната директорка Ангела Атанасова, а јавноста беше изненадена од неговата младост, и работното искуство од една година, кое што беше наведено во неговата биографија. Сања, покрај тоа што му го честиташе роденденот, му порача на Кржалоски дека доколку прави голема роденденска забава, со мерак ќе дојде да му пее.

Вики Клинчарова
thumbnail_sanja-risteska22

Поврзани новости