Самохран татко бара помош за да си ги извади четирите деца од Дом за згрижување

by fokus 14:20
14:20

Васко Талевски од Битола е татко на четири дечиња на возраст помеѓу 5 и 11 години, кои се во Дом за згрижување веќе една година. Социјалните служби ги сместиле децата во Домот откако утврдиле дека условите во кои живеат се субстандардни. Васко е самохран татко. Како што вели тој, неговата сопруга пред повеќе од една година го напуштила семејството.

Пред неколку години изгорела нивната куќа во Битола и од тогаш Васко живее во куќа која што црквата му ја дала на користење. Работи во јавното претпријатие „Комуналец“, но платата едвај му достасува да си ги плати сметките. Бара помош од хуманите граѓани да си го поправи домот за да може да си ги врати своите деца дома.

- Advertisements -

-Јас не сум финансиски моќен ниту да ги посетувам во Домот. Ве молам за помош, храна, облека, мебел или финансиски средства како би успеал да ги земам назад со мене моите најмили дечиња. Верувајте, болката на еден самохран татко без ничија поддршка е толку голема што ми го бара срцето – пишува Талевски во својот апел за помош кој редовно го објавува на социјалните мрежи.

Децата, вели, редовно ги посетува, но секој пат разделбата е се потешка и потешка. Најмалото е петгодишно, а средните се близначиња, машко и женско на шест-годишна возраст.

-Среќни ме пречекуваат, а со солзи ме испраќаат. Најстарото, 11 годишното, ја скрши раката и во моментов му е во гипс. Ми вели дека ќе избега ако не ги извадам наскоро од Домот, не можат да издржат таму – вели тој.

Оние кои сакаат да му помогнат на Васко Талевски можат да го исконтактираат на бројот 078-622-197.

Поврзани новости