Само ако си задоволен од својот живот и не трчаш по богатство и слава можеш да бидеш добар градоначалник!

by Fokus

Нигериецот Симон Поликарп – Џими (61), кој беше кандидат за градоначалник на Штип од редовите на Интегра на вонредните избори кои се одржаа лани во декември, повторно се кандидираше за градоначалник.

Иако на минатите избори освои 1.198 гласа од граѓаните, а неговиот противкандидат и актуелен градоначалник, д-р Сашко Николов од СДСМ ја освои победата со 11.668 гласа, Џими вели дека неговото мото е -Надежта последна умира, и верува во многу подобри резултати на претстојните избори.

Во разговор за ,,Фокус” тој појаснува дека немал некоја цврста намера повторно да влезе во игра за градоначалник на Штип, но она кое му се случувало во последно време било пресудно пак да се кандидира.

-Нормално дека лани, бев разочаран и ми беше тешко што не добив повеќе гласови, кои искрено ги очекував, бидејќи луѓето знаат што се сум направил во изминатите 20 години со мојата фондација. Ранливите и маргинилизираните категории на граѓани знаат за мојата хуманитарна работа и за помошта која сме ја пружиле таму каде што била најпотребна. Се помирив со резултатите, но потоа, со тек на време започна да се случува нешто интересно.

Кога и да излезев надвор, на улица, до продавница, ми се случуваше да ме запираат луѓе кои не ги познавам и да кажуваат дека згрешиле што не ми го дале својот глас. Верувавме дека градоначалникот Николов ќе направи многу повеќе, но се разочаравме – ми викаат. Ми раскажуваат дека ја увиделе својата грешка, и самите граѓани ме поттикнаа да се кандидирам повторно, во желба за промени на подобро – вели Поликарп.

Додава дека верува во успех, бидејќи тој бил народен човек кој се бори да се слушне гласот на оние, како што вели, безгласните, обесправените.

-Јас сум задоволен од мојот живот, од се што сум постигнал. Не трчам по богатство, кариера, популарност. Имам се што ми треба, а токму таквите луѓе се она кое му е потребно на народот. Ветувам само онолку колку што можам да понудам, нема од мене да слушнат нереални ветувања, кули и градови, или пак розoв живот преку ноќ. Борба против сиромаштијата, и секако, Штип да стане метропола каква што заслужува да биде. Тоа е мојата цел.

Политиката и јавните функции треба да бидат резервирани за луѓе кои се оствариле, кои се среќни со себе и својот живот, кои нема да се стремат лично својот живот и статус да го подобрат и унапредат, туку таа борба за напредок ќе ја насочат кон народот. Оние кои трчаат по богатство, моќ и слава, не можат да бидат добри лидери на народот. Ќе повторам, само човек кој е задоволен со својот живот, може да го промени на подобро и животот на граѓаните – вели Џими.

Тој живее во Македонија од далечната 1977 година, кога како 17-годишно момче дошол во Пробиштип, преку проект на размена на студенти, кој бил актуелен во времето на Југославија и Тито. Не планирал да остане овде засекогаш, но се случило да ја сретне Билјана и љубовта со неа била пресудна го свие семејното гнездо во Штип.

Ги имаат синовите Адамс и Анџело, кои сега се на возраст од 31 и 32 години, а неодамна од Адамс и снаата Марија добиле и внук, малиот Јуниор Симон.

Не криеше дека на почетокот му било тешко, и се соочил со многу предрасуди од луѓе на кои им сметал, кои неретко му кажувале да си оди, бидејќи нема што да бара во нивниот град. На моменти дури и помислувал да се пресели со семејството, но сепак, со тек на време, народот го запознал, стекнал многу пријатели, а кога сограѓаните сфатиле дека тој е чесен и работлив човек, посветен на фамилијата, го прифатиле.

Вики Клинчарова

Поврзани новости