Само 60 музичари добиле државна помош, естрадата повторно ќе бара пари од Владата!

by fokus

Естрадните уметници погодени од корона кризата, кои во изминативе неколку месеци многу ретко или воопшто не настапуваат, повторно ќе бараат финансиска помош од Владата.
Информацијата ја објави Здружението на естрадни уметници, појаснувајќи дека помошта ќе се бара исклучително за уметници кои се членови на здружението.

-Почитувани колеги од естрадата, бидејќи нашата професија е сеуште на пауза поради светската криза која настана како последица на пандемијата, со што ние, како индустрија, сме навистина оштетени и тоа сеуште трае и ќе трае уште долго, ви соопштуваме дека во најскоро време ќе пратиме повторно молба/барање до Владата на РС Македонија за финансиска помош, меѓутоа овојпат само за членовите на ЗЕУМ, бидејќи немаме правна, но и етичка основа за да побараме за сите естрадни уметници.
Од таа причина апелираме навремено да се приклучат кон ЗЕУМ оние колеги кои не го регулирале тоа, со цел да бидеме навреме организирани и да нема пропусти при аплицирањето за оваа помош – информира ЗЕУМ.

Голем дел на естрадни уметници добија владина помош во износ од 14.500 денари, за два месеци. Сепак, помеѓу естрадните редови е очигледно незадоволството од начинот на кој овие средства биле распределени. Актуелни се обвинувања од страна на многу музичари, кои тврдат дека некои од нив, кои се најзагрозени, бидејќи настапувале само на свадби, не добиле ниту денар и се на работ на егзистениција.

-Јас воопшто не ни аплицирав за владината помош, бидејќи сметам како тоа не е решение. Естрадата требаше да се бори за да се изнајде начин да се продолжи со фунционирање, а не да се чека на пари од државата. Најтешко им е на колегите кои заработуваа само од свадби, цели семејства се оставени без денар. Значи, не финансиска помош, туку можност за сами да заработиме, без да го загрозиме јавното здравје – ни изјави популарна фолк пејачка, која додава дека е крајно разочарана од неорганизираноста која владее на естрадата.

Долги години наназад, претседател на ЗЕУМ беше музичарот Благоја Грујовски. Од неодамна на чело на здружението е Горјан Стојановски.

За ,,Фокус” тој појаснува дека е свесен за незадоволството на голем број на музичари, но исто така појаснува и дека многу од нив не се ниту членови на здружението. Тој детално раскажува за процедурата за доделување на Владината помош, со цел да им појасни на музичарите кои реагираат на начинот на кој се доделиле средствата.
Инаку, месечната членарина изнесувала едно евро.

-Бидејќи гледаме незадоволство кај голем дел од колегите, чувствуваме потреба дека треба да се дообјасни ситуацијата околу првата финансиска помош.
Здружението иницираше финансиска помош за музичарите во каква и да е форма, паралелно самоиницијативно се организирале дваесетина познати пејачи кои исто така имаа намера да пуштат писмо до Владата за да ги имаат во предвид и да им се обесштетат овие неколку месеци, па така побараа поддршка од здружението за нивното барање, односно да има печат како потврда дека се естрадни уметници.

Тогаш јас се уште не бев официјално претседател, туку единствен кандидат за потенцијален. Кога нѐ повикаа во Влада рекоа дека ги заинтересирал списокот бидејќи се сите познати имиња и решеле да оформат набрзина уредба и да одвојат буџет за пејачите.

ЗЕУМ на тоа реагираше дека естрадата не ја сочинуваат само пеајчи, па така се сложија да го прошират буџетот првенствено за 40 луѓе, за подоцна да стигне и до 60. Откако пристигнале близу 400 писма од кои половината не биле со потполна документација, од типот: погрешна трансакциска сметка или неактивна или дадена туѓа трансакциска сметка на член од фамилија (што е правно неосновано, не смее да се пушта помош на туѓо име) недоставен еден од двата документи ,барање/изјава или не исполнувале некој од зададените услови од уредбата, нѐ повикаа да потврдиме дали сите тие се естрадни уметници.
Бидејќи беше лесно да се потврдат познатите имиња од македонската народна и забавна сцена одеше брзо, заедно со другите националности бројката стигна до 40-тина.
По таквата ситуација нѐ консултираа дали е во ред да се заврши вака или да се оди до оној број од 60 луѓе. Нормално, нашиот одговор беше дека треба да се подели помош на што повеќе луѓе. Бидејќи останатите беа уметници од понизок ранк од оние општо познатите, нашиот став беше: Сеедно кого ќе одберат само да има што повеќе колеги- ја појаснува претседателот Стојановски процедурата при доделувањето на првичната Владина помош на естрадните уметници.

Тој додава дека по жестоките критики на голем број на музичари, дури и се запрашал дали воопшто вреди повторно да се бара државна помош.

-После многуте упатени критики за нашето работење, се прашуваме дали ќе беше подобро воопшто никој да не побараше никаква помош за естрадата и парите да отидеа во некоја друга гранка од општеството, и дали во иднина да бараме повторно за нашите колеги или да мируваме, додека сите други гранки функционираат, а нашата бранша лута и пропаѓа секоја година сѐ повеќе.

Жалам што постарите колеги не нашле начин да профункционира , но ЗЕУМ заедно со другите здруженија има потенцијал да направи многу нешта за подигнување на естрадата ако се постават работите правилно, но треба време и поддршка и разбирање од сите уметници-изјави Стојановски.

Околу најавеното повторно барање за помош од државата, појасни дека се уште се прецизираат деталите, а во игра било да се понудат неколку опции до Владата, со цел сите страни да бидат задоволни.

Вики Клинчарова

Поврзани новости