Самит на Украина и ЕУ во Киев: Ќе разговараме за најраниот прием на Украина во Унијата

by fokus

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, изјави дека клучното прашање на самитот на Украина и Европската унија, на 3 февруари во Киев, ќе бидат дискусиите за најраниот почеток на преговорите за пристапување на неговата земја во Унијата, по спроведувањето на сите препораките на Европската комисија.

Агенцијата Укринформ пренесе дека Кулеба изјавил дека украинската страна е подготвена да ги претстави резултатите од спроведувањето на сите седум препораки на Европската комисија и очекува ЕУ позитивно да ги оцени напорите на Киев.

-Клучното прашање на дневниот ред треба да биде опцијата за што поскоро почнување на преговарачкиот процес за влез во ЕУ, откако Украина ќе ги исполни сите препораки на Европската комисија и очекуваме позитивна оценка, рече Кулеба.

Според него, на самитот ќе се разговара за новите санкции на ЕУ кон Русија, што ќе се однесуваат на воената и нуклеарната индустрија.

Самитот меѓу ЕУ и Украина е договорен од пред еден месец, кога претседателот Владимир Зеленски разговараше со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Поврзани новости