Самит Г7: Трамп се предомисли, ја повлече поддршката и се закани со нови царини

by fokus

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја повлекува американската поддршка на заедничката изјава на Г7 и повторно се закани со воведување на нови царини за увоз на автомобили, со што укажа на можноста за ново влошување на трговските односи меѓу најразвиените земји на светот.

„Побарав од американските претставници да не ја поддржат заедничката изјава донесена од групата Г7“, објави Трамп на Твитер од својот авион напуштајќи ја Канада, каде што во изминатите два дена се одржа самит на лидерите на седумте најразвиени држави на светот кои се сложија околу борбата против протекционизмот.

Трамп објасни дека на таквата одлука го поттикнале најавите на канадскиот премиер Џастин Трудо за тоа дека Канада ќе одговори со контрамерки на американските царини за увоз на челик и алуминиум.

„Многу нефер и слабо. Нашите царини се одговор на канадските даноци од 270 отсто на американските млечни производи!“, напишал на Твитер.

Од канцеларијата на канадскиот премиер веднаш реагираа со соопштение во кое се истакнува дека се фокусирани на се што е постигнато на средбата.

„Премиерот Трудо на затворањето на самитот не кажа ништо ново што веќе не било речено – како јавно, така и во неговите директни разговори со американскиот претседател“, се вели во соопштението.

Германската канцеларка Ангела Меркел пред новинарите изјави дека верува дека ќе биде постигнат договор за заеднички став за трговија, иако остануваат одредени несогласувања.

Елисејската пала претходно соопшти, дека се во текот преговорите на самитот Г7 за постигнување договор за заедничка изјава на крајот на средбата, особено за компромисна формулација за трговија, со цел да ги задоволи сите страни.

Поврзани новости