САД и ЕУ со силна поддршка “За” успешен референдум: Вие ги држите клучевите на вашата иднина

by fokus
САД и Европската унија со силна поддршка за успех на престојниот референдум, закажан за 30 септември на кој граѓаните треба да се изјаснат за Договорот од Преспа и отворањето на европските и евроатланските интеграции на земјава.
Интензивираната дипломатска активности продолжува. Вчера во Македонија престојуваа високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини и помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД, Арон Вес Мичел.
Тие се сретнаа со високи државни функционери, а пораката што ја пренесоа е  – граѓаните да ја искористат оваа историска можност за нивната земја да стане дел од ЕУ и НАТО.
Мичел ја повтори силната поддршка на САД за Преспанскиот договор, на кој гледаат како на можност Македонија да стане 30. земја-членка на НАТО.
– Македонија е пред историска шанса, опозицијата да ги охрабри граѓаните да гласаат. Денеска истата порака ја пренесов до сите Македонци со кои се сретнав. Македонија долго беше на патот кон западот и сега е време сите Македонци да го искористат своето демократско право, да бидат одговорни да гласаат за оваа историска можност. Сега е време да го кажете своето мислење, рече вчера Мичел.

Според Могерини, пак, клучевите на нашата иднина се во нашите раце, а ЕУ е отворена за нас.

– Запомнете, на 30 септември кога ќе одите на гласачките места да гласате за референдумот дека Вие сте тие што ги држите клучевите на вашата иднина во вашите раце. Клучевите не се во рацете на никој друг, освен на Вас. Не дозволувајте некој друг да го стори тоа за Вас. Ве молам, не молчете пред вашата иднина, неможете да ја пропуштите оваа можност затоа што Вие сте одговорни за вашата иднина. Ова не се избори, ниту е нешто поврзано со политика. Мора да бидете сигурни и убедени дека кога ќе се разбудите следниот понеделник, односно на 1 октомври, дека сте направиле избор којшто ја засега вашата иднина, иднината на вашата земја и на вашите деца, изјави Могерини.

Поврзани новости