САД и ЕУ: Очекуваме советот на јавните обвинители да го изгласа тимот на Јанева

by Фокус 09:40
09:40

Претставниците на Европската Унија и САД се огласија со барање до Советот на јавните обвинители да го изгласа предлогот на специјалната обвинителка и да го именува тимот обвинители што Катица Јанева го претстави.

Aмбасадата на Соединетите Држави и Делегацијата на Европската Унија во Скопје го поздравуваат досега постигнатиот напредок по однос на спроведувањето на законот за јавниот обвинител за истраги за прислушуваните комуникации, што е клучен сегмент од политичкиот договор.

- Advertisements -

Брзото именување на Катица Јанева на функцијата јавен обвинител за истражување на прислушуваните комуникации, фактот што таа достави навремен предлог за тим на обвинители до Советот на јавни обвинители, и општи планови за работа, за тимот и за финансиите до Собранието, до Владата и до Советот на јавни обвинители, претставуваат позитивни моменти, се вели во заедничката изјава на САД и ЕУ.

Од суштинска важност е Советот на јавни обвинители да ја изврши својата улога согласно законот за водење на истраги за прислушуваните комуникации и да го именува тимот на г-ѓа Јанева, за да може нејзиното обвинителство да почне да го извршува својот мандат и своите задачи независно и без да трпи било каков облик на политички притисок.

Делегацијата на Европската Унија и Амбасадата на Соединетите Држави се подготвени да помогнат доколку тоа се побара од нив и да обезбедат обука и техничка помош за канцеларијата на јавниот обвинител да води истрага за прислушуваните комуникации , се вели во заедничката изјава на САД и ЕУ.

Поврзани новости