САД, Британија и Франција ја нападнаа Сирија, Трамп ја искритикува Русија

by fokus

САД, Велика Британија и Франција рано изутринава извршија ракетни напади врз повеќе цели во Сирија, како одговор на обвинувањата дека сириските владини сили минатата сабота извршиле напад со хемискио оружје во градот Дума.

Пентагон соопшти дека се нападнати цели во сирискиот главен град Дамаск и во реонот на Хомс.

Станува збор за лабораторија за научни истражувања во Дамаск, во која се претпоставува дека се произведувало хемиско и биолошко оружје, две складишта за хемиско оржје во реонот на Хомс, како и воен команден центар во близната на овој град.

Според сириската државна телевизија, при нападите се повредени три лица во Хомс.

Почетокот на нападите го најави американскиот претседател Доналд Трамп во обраќање во три часот по средноевропско време, нагласувајќи дека „во тек е заедничка операција (на САД) со вооружените сили на Франција и Велика Британија“.

Трамп истакна дека операцијата „против варварството“ ќе трае „онолку долго колку што ќе биде потребно“, се додека Сирија не престане да користи хемиско оружје.

Според него, при акцијата се нанесени прецизни напади врз „објекти од програмата за производство на хемиско оружје на сирискиот диктатор Башар Асад“.

Трамп нагласи дека сега „судбината на режимот во Дамаск е во рацете на Сиријците“, притоа упатувајќи критики на сметка на Русија и Иран за поддршката на сириските власти.

– Каква е таа нација, што би сакала да биде поврзана со масовното убиство на невини мажи, жени и деца, истакна американскиот претседател, додавајќи дека последниот напад во Дума претставува „ескалација на употребата на хемиско оружје од страна на ужасниот режим“ во Дамаск.

Трамп потенцира дека нападите во Сирија се директен резултат на неуспехот на Русија да ја спречи употребата на хемиско оружје од страна на сириските сили, додавајќи дека Москва треба да реши „дали ќе продолжи по тој мрачен пат или ќе се приклучи кон цивилизираните нации“.

Поврзани новости