Ружица и ,,Ареа” повторно освојуваат: Јас сум река која тече!

by Fokus

,,Ареа”, една од најпопуларните рок групи во земјава, вчера во етерот ја пушти својата нова песна ,,Зрак” и пријатно ги изненади своите обожаватели, по цели пет години пауза од нивната последна песна ,,Запознај ме”.

За песната е снимен и спот под режисерската палка на Кристијан Шемко од Pyramid Production. Во спотот покрај Ружица, се појавува и Ања Поповиќ, млада актерка и професионален танчер од Скопје. Од бендот ни откриваат дека ,,Зрак” ќе биде дел од нивниот нов албум, кој е во подготовка.

-Песната е снимена и миксана во нашето студио ,,Студио Клиника”. Музиката и аранжманот се мои, додека текстот е на Ружица. Сите инструменти ги свират членовите на бендот – ни изјави Ивица Брчиоски, гитарист во ,,Ареа” и сопруг на вокалистката Ружица.

-Стојам на работ, долу е провалија само ветерот ме придружува претчувствувам темен облак се приближува. Немам страв, знам дека не ме напушташ во ветерот Ти дишеш мир што исполнува и разбирам во срцево ми зборуваш: Јас сум река која тече, ти си брег што ме чува топол ветер што те следи, кога е ладно за тебе дувам. Кога темна ноќ ќе падне, а од денот нема трага кога светлина ти треба Јас сум зрак што светлост дава – се дел од стиховите чиј автор е Ружица.

Новата песна која беше пуштена во етерот синоќа, веќе започна да добива позитивни критики на социјалните мрежи. Не изостануваат и комплиментите за изгледот на Ружица, која и по сите изминати години остана доследна на својот автентичен стил, но и е во одлична форма, па чест е коментарот дека времето застанало за неа.

Популарниот бенд започна да функционира во 1991 година, со создавањето на првите три авторски песни и пријавувањето на Поп-рок фест ’92 каде што освои победа и во 1992 година во МРТВ го сними дебитантскиот албум ,,Случајно тука“.Во 2000-та година го издаде вториот албум „Врати на имагинација“, а хитот ,,Сите мои слики” од истиот албум стана евергрин кој се уште се врти на радио станиците.

Зад себе има 5 студиски и еден live албум. Во претходно интервју за ,,Фокус” Ружица раскажа околу плановите за евентулано враќање на ,,Ареа” со нови хитови и спотови. –

„Никогаш не сме кревале прашина околу некакво големо враќање иако после издавањето на секој албум имало паузи некогаш и повеќе годишни. Оставаме делото да посведочи за тоа. Од друга страна никогаш не знаеш дали некоја песна ќе биде хит и дали воопшто ќе имаш хит. Потребно е да се состават повеќе коцкички за такво нешто. А за тоа сметам дека не сме доволно паметни. По мене, конците ги води некој „одозгора“ или со други зборови ние спремаме песни, а што ќе биде само Бог знае – ни раскажа таа во јули годинава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости