Русковска: Со снимката покажав дека не е точно тврдењето на Боки дека парите биле вратени кај Камчев

by Frosina Fakova

Обвинителката, Вилма Русковска, која го води случајот „Рекет“, којшто е поблиску до пресуда, по завршните зборови во судница самоуверено изјави дека со обвинението ги докажала кривичните дела за кои се гонат Бојан Јовановски и поранешната Специјална јавна обвинителка, Катица Јанева. За новата снимка која ја презентираше денеска, а не е дел од доказите рече дека сакала да ја увери јавноста дека не се точни тврдењата на Јовановски дека парите биле вратени кај бизнисменот Орце Камчев. Откако ја зеле торбата со пари „Луј Витон“, следниот ден Кичеец и Јовановски биле кај Камчев, но носеле друга помала, црна торба.

-Обвинетиот Бојан Јовановски во својата одбрана наведе дека сега веќе осудениот Зоран Милевски Кичеец на 21 или 22 февруари торбата Луј Витон ја враќа во куќата на сведокот Јордан Камчев. Оваа фотографија ја прикажавме со цел да ѝ докажеме на јавноста дека тоа не е точно. Тие заедно доаѓаат во куќата на Јордан Камчев и сега осудениот Зоран Милевски Кичеец носи ташна, но црна, со големи рачки која и по изглед и по големина многу се разликува од торбата „Луј Витон“, рече Русковска.

По прегледувањето на снимките утврдиле дека следните два денови, ниту Милевски, ниту Јовановски не отишле во куќата на Камчев.

Денеска заврши Обвинителството со завршни зборови, а одбраната ќе продолжи на 4 јуни.

Тие реагираа на снимката која за првпат беше презентирана и обвинија дека се прави „обид селективно да се протне нешто на мала врата“. Адвокатите порачаа дека имаат многу повеќе да кажат во нивните завршни зборови тврдејќи дека нема ништо што не е неодбранливо.

Поврзани новости