Русковска: Ќе бараме нов притвор за Јанакиески

by fokus

Откако Апелација по три години му ја укина мерката куќен притвор на екс министерот Миле Јанакиески, шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, најави дека ќе бара нов притвор.

Сега притворот ќе се бара за случајот “Организаторите на 27 април”, за кој со првостепена пресуда Јанакиески беше осуден на 6 години и три месеци затвор. Овој случај се наоѓа по жалба пред Апелација.

-Да, ќе бараме притвор. Ние сме доследни. По објавувањето на пресудата баравме, но не беше прифатено, изјави обвинителката Русковска за “Фокус”, на прашањето дали повторно ќе бараат притвор за Јанакиески.

По пресудата Русковска бараше тогашниот куќен притвор на Јанакиески да се замени со притвор во истражниот затвор, но тој се жалеше дека зад решетки не може да ја спрема одбраната за многуте предмети за кој е обвинет.

-Секој ден ме чуваат над осум полициски службеници и секое возило што влегува и излегува од мојата зграда е детално претресено. Имам многу предмети за кои треба да се спремам, и нечовечки ќе биде по четврти пат да се носам од дома до Шутка. Пет години сум под мерки и мислам дека нема потреба од притвор, рече тогаш Јанакиески.

Апелациониот суд Скопје, пак, денеска до Основниот кривичен суд Скопје, го доставил решението со кое на обвинетиот во повеќе судски предмети Јанакиески, му ја укинува мерката куќен притвор и му ја заменува со мерка претпазливост.

– Постапувајќи по жалбата изјавена од одбраната на М.Ј., обвинет во предметите со КОК 53/17 означен како „Т.Н.Т.“, КОК 7/18 означен како „Титаник“, КОК 9/19 означен како „Талир“, КОК 57/17 означен како „Топлик“, КОК 52/17 означен како „Траекторија“ и КОК 30/20 означен како „Шпански скали“, ја уважи жалбата за укинување на мерката куќен притвор, информираат од Основен кривичен суд Скопје и додаваат дека мерката претпазливост е забрана за напуштање на територијата на државата и Град Скопје, односно обврска обвинетиот да се јавува во судот и забрана за издавање на друга патна исправа.

Валентина Вурмо

Поврзани новости