Русковска бара помош од амбасадите: Нема да дозволам Муареми да ми го валка образот!

by fokus

Шефицата на Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска вечерва ги повика амбасадите на САД и на ЕУ за помош, како што вели, од притисоците на директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми.

„Јас како обвинител со стаж повеќе од 34 години, во кои обвинител за организиран криминал од самото основање на Одделението за организиран криминал на ЈОРМ далечната 2004 година, нема да дозволам лице за кое се проверува постапувањето да ми го валка образот и честа кои долги години макотрпно сум ги градела. Честа, угледот, поштењето, ги имам научено од мала возраст од моите родители кои и двајцата се бореле со фашистите за денешна слободна и независна Македонија. Татко ми беше потполковник на дивизија во НОВ, закопан со бугарски куршум. Мајка ми партизанка која лежела во бугарски затвор и која се борела и на Сремскиот фронт.

Ги повикувам сите надлежни институции во државата, меѓутоа и сите мегународни институции и амбасади, пред сè Амбасадата на САД и Канцеларијата на ЕУ, еднаш засекогаш да ги проверат сите факти и да се расчисти – кој во оваа држава се бори против криминалот, а кој го прави криминалот. Исто така, ја замолувам и Европската обвинителка Лаура Ковеси, ако е во можност, да дојде и да ги провери сите предмети на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, откако јас сум на чело на Обвинителството, со посебен осврт на предметите за Рашковски, Зекири и овој најновиот, за Муареми“, повикува Русковска.

Таа испрати и порака до Владата.

,,Згрозувачки е овој притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК од страна на именувано лице од Владата Арафат Муареми, како и мешањето во предмет на ОЈО ГОКК кое е стриктно забрането, согласно Законот за јавно обвинителство. Ако Владата сака државата да биде вистинска правна држава, а не правна држава прикажана преку ПР преку медиумите, вистината мора да излезе на виделина!

Таа прашува, зошто се напаѓаат клучните обвинители кои ги водеа случаите против Катица Јанева, Ременски, Рашковски и Зекири, а во исто време водат и повеќе предистраги за актуелни и поранешни високи владини функционери?

„Токму поради овој атак и притисок врз обвинители на ОЈО ГОКК треба и меѓународните институции како
и амбасадите на САД на ЕУ сериозно да преземат мерки, затоа што ова најмалку доликува на земја-членка на НАТО и земја што почнала преговори за ЕУ каде владеењето на правото е императив! Македонија ниту е диктатура, ниту е монархија, во Македонија не смее да владее волјата на некои сегашни или пак поранешни владини функционери, за обвинители да замижуваат пред кој било криминал, па тој и да е и во највисоките ешалони на власта“, вели Русковска.

Таа вели дека сака да ги сподели веднаш наодите од почнатата предистрага кај Муареми.

„Во периодот што следува сум подготвена со јавноста да ги споделам информациите кои ОЈО ГОКК ги има и ќе ги обезбеди за лицето за кое се проверува постапувањето Арафат Муареми (сè уште директор на Финансова полиција), па јавноста нека суди кој е криминалец, а кој се бори против криминалот. Никогаш нема две вистини. Има само една“, потенцира Русковска.

Поврзани новости