Русковска: Акцијата во Грчец беше пробиена, затоа не најдовме голема колчина на дрога, пари или луксузни возила

by fokus 12:24
12:24

Шефицата на Обвинителството за гонење на организарaн криминал и корупција, Вилма Русковска денеска на прес конференција сподели детали за акцијата „Планина“.

-Пред една година со двајца обвинители и тим истражители решивме да се обидеме да собереме доволно докази со ќе се оневозможат дејствувањата на две криминални групи, едната од Грчец а другата од Гази Баба. Уште на почетокот бевме свесни дека зад секој од членовите мораме да собираме поединечни докази бидејќи тие дрогата која ја продаваа ја чуваат на безбедни места и постоеше мала веројатност при нивно апсење дека ќе се најде голема количина на дрога, во случајот кокаин, рече Русковска.

- Advertisements -

Таа истакна дека на членовите на криминалните групи им биле следени комуникациите, но и биле тајно следени и снимени.

-Истражителите кои прислушуваа, добија сознанија дека ќе се врши продажба на дрога, по што се координираа со други истражители и ја снимаа продажбата. Лицата кои купуваа веднаш потоа се запираа и им беше одземена дрогата која ја имаа купено. Доколку беше за лична употреба беше давана на вештачење, а ако беше за препродажба се поднесуваа кривични пријави. Така цела година собиравме докази за сите членови на овие групи, бидејќи немаме доказ дека се меѓусебно поврзани и ќе бидат работени во два посебни предмети. Потоа се организираше акција за нивно лишување од слобода, рече Русковска.

Таа појасни дека петмина од групата од Грчец се недостапни за истражните органи.

-Во село Грчец се извршени претреси на 26 локации, уапсени се 13 лица, од кои за 9 лица има определено притвор, за 3 куќен притвор и за едно лице мерки на претпазливост. Пет лица ни се недостапни, истакна обвинителката, која додеаде дека во групата член било и едно малолетно лице, на кое ќе му се суди посебно.

За криминалната група во Гази Баба извршени се претреси на девет места, при што 8 лица се приведени и се наоѓаат во притвор, а по едно лице се трага.

– Во претресите одземени се над 80.000 евра, а за пронајдената дрога се уште не се готови вештачењата, но најдена се околу 5 килограми марихуана и 600-700 грама хероин. Најголем дел од парите се пронајдени при претресите во Гази Баба, а многу малку во село Грчец. Според посебните истражни мерки кои денеска завршуваат за лицата по кои се трага, акцијата во село Грчец е пробиена. Беше се исчистено и не се пронајде поголема количина. На три локација се најдени околу 100 грама кокаин, истакна Русковска.

Таа додаде дека без разлика на малата количина, располагаат со цврсти докази.

-Од стартот знаевме дека нема да најдеме голема количина, и затоа за секого посебно цела година прибиравме докази. Одземени се 3 возила, а луксузните возила на водачите беа сокриени и некаде пронајдени се само клучеви, истакна Русковска.

Таа појасни дека за сега нема информации за тоа кои се доушниците, бидејќи петмината главни нарко босови се во бегство.

-Да беа фатени ќе им ги земевме телефоните, и ќе видевме. Но ќе направиме напори да утврдиме дали биле вмешани припадници на МВР или вработени во други институции, додаде Русковска.

В.В.

Поврзани новости