Руските проблеми на украинскиот терен

by Фокус 14:09
14:09

Клучно за Украина во наредните неколку недели е дали ќе го искористи оперативниот застој на Русија и фокусот на исток да може да удри од грб и да го спаси најклучниот дел кој може да биде вклештен на истокот. Во спротивно, ако претпоставката дека без разлика на сé и сите слабости Русија продолжи да меле, на Украина може да и се пишува црна историја.

Пишува Методи ХАЏИ ЈАНЕВ

Поминаа повеќе од 66 дена од инвазијата на Русија врз Украина во која многу работи се променија и најверојатно ќе се менуваат. Сумарно гледано, иако речиси сите очекуваа брза и молскавична победа на Русија, најверојатно старата добра поговорка дека никој не победил народ, која неколку пати ја повторувам од почетокот на операциите, останува да важи и сé посилно да ечи.

Сепак, од оперативен аспект, операциите и развојот на истите може да се гледа од два аспекта. Прво, дека Русија намерно проектира неспособност. И второ, дека Русија е преценета во проценките на ризик од страна на западните разузнавачи и аналитичари.

Веројатноста за првата опција се гради врз фактот дека најголемиот мајстор на илузијата – Русија, и овојпат има план со кој сака да предизвика лажна слика кај противникот за да постигне корист. За ова (ако ова е точно) има неколку оправдувања, кои се дел од многу поголем руски план отколку само Украина.

Прво, со тоа ќе предизвика спуштање на гардот, кој во изминатите десетина години се подигна против неа од страна на западот. Второ, ќе овозможи поголемо изненадување и компензација за секторите во војување каде се инфериорни. И, конечно трето, ќе и овозможи да мултиплицира ефекти кои не би можела да ги постигне ако нема изненадување.

Втората опција на оваа опсервација пак, е дека Русија во голема мерка ја има фалинката на најголемиот дел од современата источно-европската воена мудрост заглавена во квази либералното водство. Со разлика што Русија е заглавена во авторитарноста на императорот кој никој не смее да го предизвика, или да му каже дека некои работи не се како што тој сака да ги види.

ПРОМЕНА НА ПОРЕДОКОТ

Чисто како за илустрација, прегледајте ги видеата од циркузот кој се обиде Русија да го продаде околу носењето на одлуки за инвазијата на Украина или пак за настани поврзани со тоа. Во тој дух, на пример, шефот на најмоќниот сектор-оставината на КГБ да пелтечи како мало дете пред учителот кој се потсмева со него за тоа кој став го има ученикот по однос на даденото прашање.

Втората опција, според мене, е поверодостојна од она што може да се види на терен. Во пракса, парадоксот на Руската воена моќ во Сирија, па и во Либија го потврдува тоа. Дека имаат дел од силите кои се мошне добро подготвени и опремени, но остатокот од вооружените сили е во неповратен дисбаланс со таа елита. Токму тоа го гледаме на терен.

Сепак, анализата која треба да се направи во оваа насока мора да има своја претпоставка. Таа претпоставка е колкава е цената која Русија ќе биде спремна да ја плати или во најмала рака да ја издржи. Овде исто така е битно и колкава е упорноста на Западот да истрае да ја поддржува Украина на начинот како што ја поддржува сега.

Во тој дух, би рекле дека надвор од матрицата на западната воена мудрост, ако Русија успее да ја издржи војната материјално-значи има ресурси за тоа, тогаш секоја анализа како таа подолу ќе биде ирелевантна. Русија е решена да го смени поредокот – системот и да му пркоси на либералниот свет.

Оттука, дали тие ќе ја добијат војната со многу загуби или со малку загуби во склад со стомакот на либералниот свет и толеранцијата за успех за Русија е ирелевантно. Најголем губитник ќе биде човештвото бидејќи сé што ќе излезе надвор од Украина може да пламне како буре барут.

Во тој контекст, дури и да остане конфликтот само во Украина, Русија ќе ја обои картата на Украина во црвено. Оттука, е клучно како и на каков начин ќе продолжи поддршката за Украина, и колку Украина ќе биде спремна за офанзива која мора да биде што поскоро. Тоа, како што подолу ќе објаснам, е клучно посебно со времето како фактор.

КОЛАТЕРАЛНА ШТЕТА

Во оперативно-тактичка смисла, досегашната поставеност на нештата на терен за Русија имаше два проблема. Прво, катастрофална лоша борбено-сервисна поддршка. И второ, очајна координација на здружено рамниште.

Русија, како и во Чеченија, ја прави истата грешка на ешалонски продори многу слично како што правеле и римските легии – упорно ги применувале без да се адаптираат. Овие продори треба да овозможат пенетрација во борбените редови на непријателот, ослабнување на крилата и создавање услови за опкружување и уништување.

Проблемот со ваквиот концепт (ешалонирање) е тродимензионален. Прво, за да можете да го правите тоа е потребно да имате капацитет за маневар и да имате одлична синхронизација на смена на силите. Тоа значи дека имате сили кој го задаваат ударот и сили кои се воведуваат од резерва да го продолжат тоа, но и да го чуваат заземеното.

Првите ешалони-пенетрациски треба да заземат тактички објекти во непријателската тактичка длабочина. Вторите ешалони се тие кои треба да го надградат успехот на тактичките клучни точки и да постигнат оперативен успех, заземајќи ги значајните оперативни цели.

За да биде појасно (иако секогаш не може да се гледа така пластично) ако првите ешалони треба да ги заземат аеродромите, дел од стратешките снабдувачки центри – (магацините), главните комуникации за пристап, центрите за врски и командни места, вторите ешалони треба да го надградат овој успех и да започнат да ги користат овие точки како основа за заземање на територија.

Овој концепт, заради поставеноста на односите најмногу се применува кога сте во стратешка дефанзива – најчесто одбрана од агресор. Алтернатива која ја прилагодија русите во Чеченија е да тоа го правите против бунтовници на сопствена територија. Ваквиот начин на војување е тотален и со многу материјална и колатерална штета-цивили и цивилни објекти кои не секогаш се легитимна воена цел.

ЛОША КОМУНИКАЦИЈА

Значи, оперативните планови, а со тоа и операциите имаат офанзивен карактер. Последното на Русите во пракса им одеше многу лошо заради неколку причини.

Прво, лоша борбено-сервисна поддршка. Тоа значи дека Русите имаа брз маневар до онаму каде биле предвидени одбранбените капацитети или во пракса додека руските борбени системи беа на шини.

При првиот допир со реалноста во Украина почнаа да се јавуваат проблемите. Дел од скапите системи покажаа дека за нив имало значителна негрижа во одржувањето, или пак проблемите се од предолго стоење и неупотреба заради немање средства да ги употребувате. Или пак, заради немање пари да ги одржувате соодветно и да импровизирате.

Дополнително, се виде дека Русите штеделе и во дел од борбеното обезбедување на овие скапи борбени системи (во смисла на надградувањето на оклопот). Таму каде требало да се стави челик или метал потпорните елементи се дрвени заради што ефектите на противникот со помали средства (противоклопни системи) е поголем.

За ваквиот исход се можни две опции. Или Русите импровизирале и свесно штеделе под претпоставка дека нема да им се случи нешто во блиска иднина, или пак набавките за овие дополнителни сегменти – како дел од борбеното обезбедување биле корумпирани, па за многу пари сте набавиле „шкарт“ опрема.

Вториот проблем е комуникацијата. Во многу наврати барем од она што може да се види од извори од отворен карактер, но и во пракса од видеата кои се пролиферуваа, се заклучи дека Руските сили имаат катастрофална комуникација. Цели водови, беа заробени или оставени во напредувањето, односно извлекувањето.

Дополнително, дел од разговорите и комуникациите се споделуваа по социјалните мрежи кои се остварувале со радио-станици кои ги имаат градежните компании, или кои може да си ги набавите преку Амазон или Али експрес. Дополнително, во многу наврати главно средство за комуникација се мобилните телефони, што е недозволиво.

Иако може да се забележи дека ова до крај не е точно, таквите контрааргументи на оваа теза ќе имаат фалинка, бидејќи не може да се објаснат со ништо друго видеата во кои цели формациски состави се заборавени или цели колони паднале во заседа. Тоа се случува кога имате панично распрскување или крајно оперативно и тактичко изненадување.

Трето, Русија има сериозен проблем со синхронизација на различните видови, или, преведено во оперативен речник, има проблем со оперативниот дизајн. Современите трендови на војувањето бараат да имате синхронизирано дејство на видовите (воздухопловни сили, копнени сили, поморски сили и секако најново сајбер сили – ако имате развиено концепт и доктрина за тоа).

АРТИЛЕРИЈА БЕЗ АВИЈАЦИЈА

На терен, руската авијација која е надмоќна, ја гледаме многу слабо. Наместо тоа, рускиот план е ориентиран на копнената компонента. Блиската воздушна поддршка која треба да биде основа за пробивање на ешалоните на кои ја градеа концепцијата во првата фаза, не функционираше.

Русите се потпираат на агресивно користење на артилеријата (на моменти подвижните хаубици даваа директна огнена поддршка) заради што и ефектите во материјална штета се такви какви што се. Таа пак, како што кажавме претходно, е со фалинка заради лошата логистика и координација.

Четврто, Русија има проблем со времето како атмосферска појава и како дел од времето за реализација на операциите. Прво, најголемиот дел од забавеното темпо покрај неочекуваниот отпор е резултат на почвата која во февруари, март па и април знае да биде крајно каллива и тешка за маневар. Тешките борбени системи во такви услови се движат отежнато и напредувањето, ако имате лоша комуникација и координација е проблематично заради што противникот лесно влегува во борбениот распоред.

Времето, пак, за изведување на операција и одолговлекувањето на покажување на оперативен успех се одразува врз моралот, врз ресурсите, врз политичкиот притисок. Со ова Русија нема некој посебен проблем, освен ако претпоставката која ја направивме претходно, Руската логистика да ја поддржува инвазијата и операциите навистина секне.

Петто, војувањето преку ешалони, бара да имате стриктно мерливи, остварливи и одлучувачки точки, тактички, оперативни и стратешки центри на гравитација. Досега, барем од она што го гледаме, не можеме да го видиме сето тоа.

Конечно, и од што ќе зависи дали сето ова заедно со претходниот услов за можноста да се поддржи целата операција, ќе влијае врз Русија или не, е можноста на украинските сили да преминат во контраофанзива. Веќе нагласив дека една од пречките која Украина ја има е што западните донори мора да ги испеглаат ултра либералните процедури и секако дилеми кои се јавуваат за непрекината и навремена поддршка.

Факт е дека САД и добар дел од НАТО-членките прават напори за тоа. Но, дали тоа ќе биде доволно, ако се знае бројката на бегалци и на загинати, капацитетите за самостојно одржување…?

Клучно за Украина во наредните неколку недели е дали ќе го искористи оперативниот застој на Русија и фокусот на исток да може да удри од грб и да го спаси најклучниот дел кој може да биде вклештен на истокот. Во спротивно, ако претпоставката дека без разлика на сé и сите слабости Русија продолжи да меле, на Украина може да и се пишува црна историја.

 

 

Поврзани новости