Руски рулет и Дон Кихот на македонски начин

by Fokus

Еуростандард банка, битката продолжува 

Пишува: Трифун Костовски

Почитувани читатели, сакам со вас да го  споделам фактот дека деновиве беше обзнанено, од стечајниот управник на Еуростандард банка во стечај, дека ќе се врши исплата на оштетените физички и правни лица, согласно процедурата утврдена за распределба на средства од стечајната маса.

Од носењето во стечај на Еуростандард банка изминаа неполни 22 месеци. Целата постапка за прибирање на одлеаните пари од банката се води нетранспарентно и нејасно. Деновиве беше обзнанено од страна на стечајниот управник дека ќе се почне со исплата на оштетените правни и физички лица. Ова е чин за респект, бидејќи крајно време е, доколку има средства во стечајната маса,   да бидат обештетени правните и физички лица кои немаат никаква вина за самата стечајна постапка.

За мене како акционер се поставува прашањето дали во стечајната маса со која денеска располага Еуростандард банка во стечај се собрани сите одлеани средства? Одговорот на ова прашање е  суштината зошто Еуростандард банка беше однесена во стечај. Бидете убедени дека голем дел од средствата не се прибрани во стечајната маса и се има цел на овие средства да им се прикрие трагата. Тврдам дека членот од Законот за стечај кој гласи „Побивање на правни дејствија на стечајниот должник”,  не е доследно применуван. Суштината на овој закон значи доследност во прибирањето на одлеаните пари од банката до крајните корисници, независно дали се работи за правни или физички лица, активни или однесени во стечај. Периодот од 22 месеци е многу краток период за да се стигне до крајните корисници и да се наплатат одлеаните средства.

Почитувани читатели, не практикувањето на погоре-наведениот член од Законот за стечај значи забошотување и покривање на трагите на парите, само со една цел – да не се обзнанат во јавноста крајните корисници каде овие финансиски средства завршиле. Имплементирањето на овој член ќе значи посветена и долгогодишна истрага и копање по трагата на парите. Очигледно наредбодавците за носење на Еуростандард Банка во стечај, каде егзекуторот беше актуелниот Гувернер Бежоска, сакаат и настојуваат час поскоро да ги замолчат оштетените правни и физички лица од стечајот на Еуростандард Банка со цел да се замолкне вистината за овој злостор. Присуството на Оштетените штедачи во етерот беше многу силно, исто колку и моето присуство на социјалните мрежи. Се разликувавме во приодите и погледите за и околу стечајот на Еуростандард Банка секој со своите ставови, меѓутоа јавноста беше информирана и заинтересирана за крајниот епилог.

Заклучувам дека со исплатата на оштетените штедачи на нивните побарувања од стечајната маса, јас губам силен сојузник во мојата битка, а со тоа нарачателите на овој злостор ги слабеат моите позиции, посебно во јавноста.

Општа констатација меѓу граѓаните на Република Македонија е дека организираниот криминал и корупција се влезени во сите пори на нашето секојдневие. Не смееме да дозволиме, со решавањето на проблемот за наплата на своите побарувања на одредена група  правни и физички лица,  да мислиме дека организираниот криминал и корупција се елиминирани. Ова е само потег за нивно замолчување или елиминирање од вистинската борба против ова општествено зло.

И понатаму криминалот е тука меѓу нас. Рускиот рулет во Македонија е реалност, а тој во превод значи дека злото може секому да му се случи во Република Македонија, бидејќи криминалот нема ниту нација ниту вера, туку само интерес за ограбување.

Чувствувам потреба да споделам со вас дека креаторите за стечајот на Еуростндард банка сакаа да ме стават на Дон Кихотовски испит. Разликата меѓу ликот на Сервантесовиот Дон Кихот и мене е многу симболична и јасна. Ветерниците, како илузија на измислени непријатели на Дон Кихот се имагинарни, а кај мене се многу реални и видливи. Зад ветерниците на Дон Кихот постојат илиузии, но ветерниците во мојот случај се лица со име, презиме и факти.

Почитувани читатели,  во денешнава моја колумна употребив два термина кои се вдомени во светската култура за поимање на општествени зла  детерминирани од времето и просторот. Во Рускиот рулет нема правила, тоа е игра без правила но со жртви, а во ликот на Дон Кихот е олицетворен витез благородник кој безуспешно се бори против општествените девијантни појави.

Јас останувам на својот пат доследен да трагам по вистината за Еуростандард банка. Мојот приватен извештај за истрагата на стечајот е завршен. Неговото обзнанување се плашам нема да биде сериозно прифатено од институциите на прогонот. Токму од тие причини се работи многу активно, за час поскоро да се обештетат правните и физички лица како и нивно замолчување во целиот овој процес. Како сојузници во мојава борба ве имам вас мои читатели. Политичките партии се комплетно незаинтересирани за вистината околу стечајот на Еуростандард банка. Причините за нивната незаинтересираност даваат сомнежи дека и тие на свој  начин се соучесници во овој криминоген чин.

Поврзани новости