Русите во поход на недвижности во Црна Гора

by Фокус

Со 41,6 милиони евра директни инвестиции, Русија е најголем инвеститор во Црна Гора во првите четири месеци годинава.

Половина од сумата или 20 милиони евра, Русите ја вложиле во купување недвижнини, покажуваат податоците на Централната банка.

За четири месеци годинава во Црна Гора имало вкупно 306,47 милиони евра странски директни инвестиции, што е за 68,4 милиони повеќе отколку во истиот период во 2021 година.

Се чини дека војната што ја водат во Украина ги наведе Русите да ги зголемат инвестициите во Црна Гора, со оглед дека инвестирале 15 милиони повеќе, отколку од јануари до крајот на април минатата година, кога со 25,8 милиони директни инвестиции го зедоа третото место на листата земји што најмногу инвестирале.

Русите, според официјалните податоци на Управата за приходи и царина, од 1 февруари до 9 јуни годинава формирале 1.100 фирми во Црна Гора, главно од областа на ИТ.

Побједа претходно објави дека Русите се сопственици, или ко-сопственици, на 18.906 недвижнини и 3,9 милиони квадрати земјиште во Црна Гора, во 13 општини.

Владата минатиот месец замрзна имот на 34 руски државјани, како дел од санкциите поради инвазијата на земјата врз Украина. Замрзнати се недвижнини во Херцег Нови, Будва, Жабљак.

Од почетокот на годинава до крајот на април, од Украина во Црна Гора имало 5,47 милиони евра инвестиции. Најголем дел од парите Украинците ги потрошиле на купување недвижнини – 4,6 милиони, додека во компании и банки инвестирале 594.000 евра.

По Русија, најмногу пари во Црна Гора стигнале од Обединетите Арапски Емирати – 40,64 милиони евра.

На трето место е Турција со 27,9 милиони евра директни инвестиции.

Поврзани новости