Русија: По Северна Кореја, и САД да преземе возвратни мерки

by fokus

Москва се огласи за одлуката на Северна Кореја да ги прекине тестовите на балистички проектили со долг дострел и планира затворање на полигоните за тестирање на нуклеарни бомби.

– САД треба да преземат возвратни мерки откако Северна Кореја соопшти дека ќе ги прекине нуклеарните тестирања, изјави шефот на Меѓународниот комитет на Советот на Руската Федерација, Константин Косачев.

Тој, во пораката објавена на Фејсбук, оцени дека одлуката на Северна Кореја не е доволна за да се нормализира ситуацијата на Корејскиот полуостров, туку се неопходни „оперативни, по можност демонстративни возвратни мерки” на САД.

– Прекин на агресивната и деструктивната реторика. Признавање на суверените права на Северна Кореја за сопствен развој. Престанување со заканите за промена на власта во таа земја преку надворешено мешање. Прекин на воените активности кај границата на Северна Кореја. Покренување на политички дијалог, наведе рускиот сенатор.

Тој изрази надеж дека меѓукорејскиот самит и самитот на Северна Кореја-САД „сигурно ќе се одржат”.

– Нашиот дијалог со севернокорејските соседи во ниту еден момент не беше прекинат. Тоа беше одговорна, прецизна, и на крајот на краиштата правилна руска дипломатија. Победи политиката за политичко решавање на кризата, за што постојано се залагаше Русија, заклучи Косачев.

Поврзани новости