Комисијата за заштита од дискриминација ги осуди и АМС и жирито

by fokus

Комисијата за заштита од дискриминација ги осуди содржините од збирката поезија од проектот „Млади поети“, што беше финансирана од страна на Агенцијата за млади и спорт.

„Врз основа на избраните тематски содржини на конкурсот за Збирката поезија од проектот „Млади поети“ и нивното финансирање од страна на Агенцијата за млади и спорт, Комисијата за заштита од дискриминација, најостро ја осудува постапката на Агенцијата за млади и спорт, Стручната комисија која одлучувала при евалуација на содржините како и авторот на вознемирувачките и дискриминаторски содржини. Содржините кои се објавени од уредникот Дарко Каевски и воедно финансирани од Агенцијата за млади и спорт содржат елементи на дискриминација по основ на етничка, верска и родова припадност“, стои во реакцијата на Комисијата.

Комисијата му порачува на директорот на Агенцијата за млади и спорт да ги повлече песните од употреба, но и да се внимава во иднина да не се објавуваат вакви содржини. Комисијата за заштита од дискриминација исто така и предлага на Стручната комисија за избор да внимава при понатамошните евалуации за соодветни збирки и нивните содржини.

„Збирката на поезии содржи форми на изразување кои не се прифатливи за едно демократско и мултикултурно општество, а во исто време се во директен судир со повеќе одредби од Законот за спречување и заштита од дискриминација. Спорните делови од збирката особено поттикнуваат дискриминација (член 9) и предизвикуваат вознемирување (член 7) по повеќе основи на дискриминација, особено пол и етничка припадност“, соопшти Комисијата.

Поврзани новости