Рот: Оваа година треба да се реши прашањето за името

by fokus

Државниот министер за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Република Германија, Михаел Рот, на денешната прес конференција со премиерот, Зоран Заев, порача дека спорот за името со Грција мора да се реши оваа година, инаку ќе потрае статус кво состојбата.

-Германија го поддржува изнаоѓањето на решение во блиска иднина и ја цени улогата на медијаторот Метју Нимиц. Многу е направено, но има краток период за решавање на овој проблем. Оваа година треба да се реши прашањето за името инаку статус кво состојбата ќе потрае со години. Особено е важно двете стани да не избрзаат со цртање на црвени лини. Потребен е политички дијалог меѓу влада и опозицијата. Сметам дека двете страни имаат волја и можат да се договорат за одржлив компромис прифатлив за двете страни. Гледам светлина на крајот од еден долг тунел – рече Рот и го поздрави враќање на опозицијата во парламентот, затоа што, додаде, само така придонесува во демократијата.

Државниот министер за европски прашања на Германија порача дека работата на Специјалното јавно обвинителство мора да продолжи и да финишираат истрагите за прислушуваните разговори.

-Важно е да продолжат истрагите и работата на СЈО. Многу е важно одново да се воспостави довербата во јавните институции. Истрагите во однос на скандалите со прислушувањето мораат да продолжат. Да подвлечам, за да биде продолжен мандатот на СЈО е потребно 2/3 мнозинство. Но ме информираа дека опозицијата е против тоа, затоа треба да го интегрирате СЈО во редовните структури на обвинителство, тоа е прагматично решение – додаде Рот.

Тој посочи дека сите во земјата имаат задача да приднесуваат кон промените, особено опозицијата.

Поврзани новости